РАКОМЕТ
СП 2027 ќе се игра во центрите на Бундеслигата
Минхен, Штутгарт, Магдебург, Кил, Хановер и Келн се германските градови во кои ќе се натпреваруваат најдобрите ракометари за светската титула во 2027 година. Германија осми пат ќе биде домаќин на СП за мажи, по 1938, 1958, 1961, 1974, 1982, 2007 и во 2019, кога беше кодомаќин со Данска.
– Овие места се центри на Бундеслигата, се залагаат за традицијата и за модерноста. Со оваа одлична инфраструктура подготвени сме за уште еден врв во деценијата на ракометот – вели Андреас Михелман, претседател на Германската ракометна федерација, пренесува Светската ракометна федерација (ИХФ).
СП 2027 ќе почне во арената „САП гарден“ (11.000 седишта) во Минхен, која беше отворена пред неколку недели, во арената „Порше“ (6.200) во Штутгарт, арената „Вундерино“ во Кил (10.5000) и во арената ГЕТЕЦ во Магдебург (6.500). Таму ќе се играат осумте групи од првата фаза, а мечевите во главната рунда ќе се играат во арената „Ланксес“ во Келн (19.250) и во арената ЗАГ (10.000) во Хановер. Четврт-финалето и полуфиналето, како и мечевите за медали, ќе се играат во Келн. Според правилата за СП за мажи, домаќините имаат право да изберат каде ќе играат, па Германија ќе го почне својот настап во Минхен, а ако се пласира понатаму, ќе се пресели во Келн.
– Со нетрпение очекуваме да им посакаме добредојде на 31 држава од целиот свет, на кои сакаме да им обезбедиме најдобри услови – вели Марк Шобер, извршен директор на Германската ракометна федерација. Г.И.
БЕЈЗБОЛ – МЛБ-ЛИГА
Осма титула за Лос Анџелес
Во петтиот натпревар од големото финале на шампионатот на САД во бејзбол (МЛБ-лига), Лос Анџелес доџерс го совлада Њујорк со 7-6 и ја освои титулата со вкупно 4-1 во победи. Ова беше осма титула за Лос Анџелес, прва по скратената сезона во 2020 година поради пандемијата на ковид-19. Доџерс стана првиот клуб што користеше дури седум т.н. фрлачи на топчиња за да стигне до титулата. Трофејот за најкорисен играч (МВП) му припадна на Фреди Фримен, кој веќе беше шампион, но со тимот на Атланта. Г.И.
ФУДБАЛ
Шеста година по ред тим од Бразил ќе биде првак на Јужна Америка
Клуб од Бразил и шеста година по ред ќе биде фудбалски првак на Јужна Америка, откако во финалето на Копа либертадорес за сезонава, во Буенос Аирес (Аргентина), ќе играат Атлетико Минеиро и Ботафого. Победникот ќе настапи на Интерконтиненталниот куп за 2024 година, но и на новиот проширен клупски Мундијал, во САД, в година, на кој ќе настапат 32 тима од целиот свет.
Во претходните пет сезони во Копа либертадорес, титулата ја освоија бразилските тимови Фламенго (во 2019 и во 2022 година), Палмеирас (во 2020 и во 2021 година) и Флуминенсе (2023-та). Згора, ова ќе биде четврто меѓусебно континентално финале на бразилски екипи во претходните пет сезони.
Атлетико Минеиро, кој во полуфиналето ја победи Ривер плата од Аргентина, досега освои една титула на Јужна Америка, во 2013 година, а за Ботафого, кој, пак, за пласман во финалето играше со уругвајскиот Пењарол, тоа ќе биде прво финале.
Победникот на Копа либертадорес ќе се сретне со Пачука (Мексико, првак на Северна Америка) во второто коло на Интерконтиненталниот куп на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Реал Мадрид веќе обезбеди пласман во финалето на тоа натпреварување, пишува ФИФА.
Од Јужна Америка досега пласман на клупското СП 2025 обезбедија Бока јуниорс, Фламенго, Флуминенсе, Палмеирас и Ривер плата. Н.М.
АНАЛИЗА НА ЦИЕС
Бенфика има најмногу фудбалери во врвните лиги во 49 земји во светот
Португалската Бенфика е на врвот на листата на клубови и академии низ светот според нивната способност да развиваат фудбалери на највисоко ниво, пишува Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС). Бенфика е прва и според бројот на произведени фудбалери што играат во 49 врвни дивизии низ светот и според индексот на тренинзи, метрика што го мери нумеричкото присуство на играчи тренирани според нивното спортско ниво, пишува ЦИЕС.
На глобално ниво, Бенфика (94 фудбалери со индекс 103,7) е пред аргентинската Бока јуниорс (93/102,2) и Барселона (81/98,6). Барселона (46/58,6) е на врвот кога се земаат предвид само играчите што се активни во најдобрите пет европски првенства пред Реал Мадрид (34/44,0) и Пари сен Жермен (35/39,5), а во однос на фудбалерите што настапуваат во 30-те главни европски шампионати, најдобар индекс на тренинзи е измерен кај Ајакс, пишува ЦИЕС.
Играчите вклучени во анализата мораа да бидат на 1 октомври годинава во првиот тим на клубовите во 49 лиги и до тој датум да играле во домашната лига или да настапиле за сениори во секоја од двете претходни сезони. Клубовите произведувачи се тие во кои фудбалерите играле најмалку три години помеѓу сезоните на нивниот 15. и 21. роденден, пишува ЦИЕС. Н.М.