Фото: Пиксабеј

Точното мерење на крвниот притисок е клучен дел во превентивната здравствена заштита. Истражувачите од Медицинскиот факултет „Џон Хопкинс“ открија дека одредени положби на рацете, кои често се користат при мерење на крвниот притисок, може да доведат до неточни високи резултати. Ова може да резултира со погрешна дијагноза на хипертензија. Зошто е важно точното мерење на крвниот притисок? Високиот крвен притисок (хипертензија) или нискиот крвен притисок (хипотензија) може да укажуваат на основни здравствени проблеми. Абнормално висок или низок крвен притисок може да доведе до компликации како што се срцеви заболувања, мозочен удар, проблеми со органите или деменција.
– Точното мерење на крвниот притисок е од клучно значење за дијагнозата и третманот на хипертензијата, што е важно за превенција од кардиоваскуларни болести – вели Тами Брејди, професорка на Медицинскиот факултет „Џон Хопкинс“ и медицинска директорка на Програмата за детска хипертензија.
Брејди е и авторка на нова студија објавена во списанието „Јама“. Студијата покажа дека одредени положби на рацете за време на мерењето може да резултираат со неточни отчитувања на висок крвен притисок, што може да доведе до погрешна дијагноза на хипертензија. За истражувањето беа регрутирани 133 возрасни испитаници на возраст меѓу 18 и 80 години. Секој учесник имаше три сета мерења на крвниот притисок, со раката во една од следните три позиции: рака потпрена на маса, рака потпрена во скутот и рака без потпора, спуштена до телото. Резултатите покажале дека систолниот притисок бил преценет на околу 4 mmHg кога раката се потпирала во скутот, додека отчитувањата биле речиси 7 mmHg повисоки кога раката висела покрај телото без поддршка. Кога раката е пониско од нивото на срцето, крвните садови на раката трпат поголем притисок поради гравитацијата, а потешко е крвта да циркулира до срцето. За да се компензира тоа, телото ги стеснува крвните садови на раката. Исто така, ако раката не е поддржана, мускулите не можат целосно да се опуштат, што дополнително го зголемува притисокот.
Кој е ризикот од погрешна дијагноза на хипертензија? Д-р Брејди нагласува дека очекувале разлики во мерењата во зависност од положбата на рацете, но биле изненадени од тоа колку се значајни разликите.
– Нашата студија покажува дека неправилното поставување на раката може да доведе до преценети вредности на притисокот, што може да резултира со погрешна дијагноза на хипертензија и непотребни третмани – рече докторот.
Таа се надева дека резултатите од оваа студија ќе ги поттикнат здравствените работници и пациентите да внимаваат на правилната положба на раката при мерењето на крвниот притисок.
– Мерењето на крвниот притисок не е само прашање на ставање на лентата и притискање на копчето. Областа каде што се мери притисокот треба да биде опремена со стол со потпирач за грбот до маса или работна површина со соодветна висина, така што раката е потпрена со средината на лентата во линија со срцето – објасни таа.
Докторката вели дека тоа важи за пациентите што дома го мерат притисокот, но и за здравствените установи.