Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и директорката на канцеларијата на Британскиот совет за Западен Балкан, Клер Сирс, потпишаа меморандум за разбирање за периодот 2024 – 2027 година, кој е важен чекор кон зајакнување на соработката во областа на уметноста, културата и креативната економија. Со потпишувањето на меморандумот се реафирмираат 30-годишното партнерство и пријателство меѓу Македонија и Обединетото Кралство, а со тоа и можноста за поголема достапност на програмите на Британскиот совет во нашата земја и засилени кампањи за нивна афирмација.
– Потпишувањето на овој меморандум е потврда за добрите односи меѓу канцеларијата на Британскиот совет и Министерството за култура и туризам. Соработката ќе овозможи размена на знаења и искуства, како и реализација на различни проекти, кои ќе го зголемат влијанието на креативната економија и ќе ја збогатат културната понуда во земјава – рече министерот Љутков.
Министерот изрази уверување дека Меморандумот ќе отвори нови можности за културна размена и соработка помеѓу уметниците и нагласи дека тој ќе биде платформа за иновации и креативност, а тоа ќе придонесе за подобрување на културниот дијалог и развој на локалната културна сцена. Таквата соработка ќе им овозможи на уметниците да се поврзат, да разменуваат идеи и да учествуваат во меѓународни проекти. Со меморандумот е предвидено да се спроведуваат проекти и активности во следниве области: градење капацитети за професионалци, филм, музика, визуелни уметности, театар, игри, технологија, културно наследство, дизајн, архитектура, мода и издаваштво.