Фото: Маја Јаневска-Илиева

Штом најголем дел од бугарските историчари тврдат дека ние Македонците сме имале „бугарски етнички корени“, тогаш логично е да ги погледнеме тие нивни корени за да видиме дали се тоа и „наши“ корени, пишува историчарот Александар Донски во обемна анализа чија цел е да даде убедлив одговор за потеклото на Бугарите. Тој се осврнува на тврдењата на официјалната бугарска историографија за потеклото на Бугарите и на бугарскиот јазик, истовремено разбивајќи ја со аргументирани заклучоци бугарската пропаганда насочена против Македонија, вклучувајќи и забележани нелогичности во бугарската етногенеза и историја. „Нова Македонија“
во целост ќе го објави неговиот авторски текст во неколку продолженија

Најголем дел од бугарските историчари и нивните претходници (а верувам и наследници) цело време повторуваат дека Македонците се (или порано биле) „Бугари“. Јас прв ќе ги прифатам ваквите тврдења доколку ми се даде убедлив одговор на некои прашања, кои не се однесуваат на потеклото на Македонците, туку се однесуваат на потеклото на Бугарите. Ова е и сосема разбирливо. Штом тие тврдат дека ние Македонците сме имале „бугарски етнички корени“, тогаш логично е да ги погледнеме тие нивни корени за да видиме дали се тоа и „наши“ корени.
Според бугарската официјална историографија, на добар дел од територијата на денешна Бугарија во периодот на антиката живеел познатиот народ Тракијци, кои имале сопствен јазик, сопствени цареви и развиена култура. Во 6 век почнало доселувањето на Словените, кои во текот на следниот период почнале да се мешаат со староседелците Тракијци. Но во втората половина на 7 век на североисточниот дел од сегашна Бугарија за првпат се појавиле Бугарите. Во 681 година тие таму формирале своја држава (која во бугарската историографија денес се нарекува „Прво бугарско царство“, иако таа отпрвин била хаганат). Бугарите (според бугарската официјална историографија, а и според археолошките наоди) биле турко-монголско племе (Турки според јазикот, а Монголи според антрополошките карактеристики, т.е. припадници на жолтата раса). Нивниот прв познат владетел бил ханот (типична монголска титула) Кубрат, кој, според „Именикот на бугарските ханови“ (дело напишано во 8 век), бил еден од потомците на хунскиот водач Атила „божјиот камшик“. Дел од Бугарите предводени од синот на Кубрат по име Аспарух (чие име на вистинскиот бугарски јазик значело „виорен коњ“) дошле од Азија во Европа и се населиле во североисточниот дел на денешна Бугарија, а дел си останале во Азија, т.е. на границата меѓу Европа и Азија и нивните потомци до денес живеат таму. Во врска со сето ова би сакал да ги поставам следните прашања:
1. Денешните бугарски историчари во најголем дел тврдат дека денешната бугарска нација е од словенско потекло (иако за време на поранешниот бугарски сојузник Хитлер доминирала тезата дека Бугарите не се Словени, туку дека се потомци на Хуно-Татарите, како што тврделе припадниците на моќната фашистичка организација „Ратници за напредок на блгарштината“, со тоа што подоцна како сојузници на Сталин и на СССР прекуноќ почнала да се форсира словенската теза за потекло на современите Бугари, што значи дека во склад со дневната политика се менувало и нивното потекло). Но еве сега официјалниот став е дека денешните Бугари се „Словени“, т.е. потомци на Словените што во 6 век се населиле во Бугарија. Значи ем се Бугари, ем се Словени, така ли? Но, ако е така, тогаш се поставува логичното прашање: кога Словените во Бугарија станале „етнички Бугари“, ако се знае дека по доаѓањето на турко-монголските Бугари од Азија, тие жестоко ги тероризирале Словените, но и староседелците Тракијци? Пример за ова е Четаларскиот натпис во кој пишува дека бугарскиот хан Омуртаг ќе ги убива Словените „сѐ додека свети сонцето и тече реката Тича“. И подоцна бугарскиот хан Пресијан водел војна против словенското племе Смолјани, кое приближно живеело на територијата на денешна Пиринска Македонија (за што пишува во Пресијановиот натпис). Исто било и со Тракијците. Бугарскиот хан Крум во 809 година го опсадил градот Сердика (денешна Софија) во кој доминирало тракиското население. По неуспешната опсада, тој им ветил на тамошните жители дека ќе ги поштеди ако му се предадат. Тие се предале, но тој потоа извршил невиден масакр убивајќи над 6.000 жители на Сердика (главно Тракијци). Значи ем Бугарите ги убивале и масакрирале Словените и Тракијците во т.н. „Прво бугарско царство“, ем денешните потомци на Словените и на Тракијците во Бугарија се гордеат со „бугарското етничко име“, т.е. со етничкото име на убијците на нивните крвни предци! Не знам дали на друго место во историјата на човештвото постои ваква перверзија?

2. Најголем дел од денешните жители на Бугарија како припадници на белата раса тврдат дека се „етнички Бугари“, но исто така и турко-монголските Бугари, кои припаѓале на жолтата раса, биле етнички Бугари. Па, како е можно да постојат два вида етнички Бугари: едните припадници на белата, а другите припадници на жолтата раса? Некој шегаџија би рекол дека само уште фали бугарската пропаганда да измисли и „Бугари црнци“, па да биде комплетен бугарскиот етнички спектар.
3. Според најголем дел од бугарските историчари, „Словените во Македонија и во Бугарија се етнички Бугари“. Но добро знаеме дека Словените живееле во овие две земји најмалку век и половина пред доаѓањето на турко-монголските Бугари од Азија. Па ако е така, тогаш се поставува уште едно прашање, а тоа гласи: која година, на кој датум и во колку часот потомците на Словените во Македонија и во Бугарија, од Словени, се конвертирале во „етнички Бугари“?

4. Неодамна еден бугарски политичар изјави дека денешниот бугарски јазик бил „1.300 години стар“. Ова го повторуваат и други субјекти во Бугарија, па сакам да ги прашам: за кој бугарски јазик се однесува ваквото тврдење? Ако се однесува на вистинскиот бугарски јазик (на хановите Кубрат, Аспарух, Омуртаг, Борис, цар Симеон и другите како нив турко-монголски Бугари), тогаш тој е многу постар јазик и е сличен со денешниот јазик на Татарите во Русија. Ако, пак, ваквото тврдење се однесува на словенскиот јазик, тогаш тоа не бил никаков бугарски, туку бил словенски јазик. Имено, пред 1.300 години (околу 724 година) официјален јазик во тогашниот бугарски хаганат бил турко-бугарскиот јазик, а ретките писмени Бугари пишувале на грчки, додека Словените и Тракијците во тоа време биле прогонувани од страна на Бугарите. Масакрот против Тракијците во Сердика од страна на бугарскиот хан Крум (803 – 814) се случил речиси девет децении по 724 година, а изјавата на хан Омуртаг (814 – 831) дека ќе ги убива Словените „сѐ додека свети сонцето“ била речиси еден век по 724 година. Дури и семејството на покрстениот турко-монголски цар Симеон (864 – 927) дома си зборувало на својот мајчин турко-бугарски јазик. Па повторно прашувам: како е можно дури и во 9 век да постојат два (сосема различни еден од друг) бугарски јазици? Зарем не е смешно ваквото тврдење? Кога сме кај бугарскиот писмен јазик, би сакал да потсетам на делата на бугарските преродбеници од првата половина и средината на 19 век, кои тврделе дека бугарски литературен јазик „воопшто не постои“, па затоа некои од нив (како на пример Фотинов, Мутев и други) пишувале на србизиран јазик. Најдециден во ова е бугарскиот преродбеник Теохаров, кој во 1860 година дословно пишува: „Бугарите не само што немаат современа литература туку тие сѐ уште немаат направено ни почетни обиди во тој правец… Бугарскиот народ пред 30 години беше уверен дека нема сопствен книжевен јазик и дека со бугарскиот јазик не може да се пишуваат научни книги, туку само со грчкиот, како и дека со помош на грчкиот јазик, може да се описмени секој Бугарин“.

Александар Донски

продолжува