Извршниот директор на Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, Елвис Шаќири ја доби престижната награда за глобални двигатели против расизмот (GARC) која лично му беше доделена во Вашингтон во Стејт департментот од страна државниот секретар на САД, Ентони Блинкен. Оваа престижна награда на глобално ниво е признание за неговата значајна работа во застапувањето на правата на ромската заедница во нашата земја.
Самата награда оддава почит на лидери од граѓанското општество на глобално ниво кои покажале исклучителна храброст, лидерство и посветеност за унапредување на човековите права и борба против системскиот расизам, дискриминација и ксенофобија во нивните заедници. Лидерите се номинираат од амбасадите и конзулатите на САД ширум светот и секоја година се избираат шест лидери со исклучителен придонес во нивните заедници.
Елвис Шаќири беше номиниран од страна на амбасадата на САД во нашата држава вреднувајќи ги напорите што ги направи како поединец и како организација за борба против дискриминацијата, промовирање на еднаквоста и обезбедување пристап до основните човекови права за Ромите.
– Нашата борба за еднаквост продолжува преку подобрување на пристапот до образование, домување, вработување и дигитална вклученост на ромската заедница – истакнува Елвис Шаќири.
– Продолжуваме да градиме пат за гласот на ромската заедница да биде слушнат, почитуван и вклучен во обликувањето на нашата иднина – додаде Шаќири.
Во текот на неговиот престој, Елвис Шаќири имаше повеќе работни состаноци со претставници на Стејт департментот и други институции и организации кои работат во полето на заштита на човековите права.
На вчерашното доделување на наградата присуствуваше и нашиот амбасадор во Вашингтон, г-дин Зоран Попов.