„Ри стор“ – центарот за рестилизирање стари модни парчиња, каде што се слават одржливоста, креативноста и индивидуалноста, повторно е отворен во културно-едукативниот центар „Лабораториум“. „Ри стор“ ја започна својата приказна во скопското Дебар Маало во 2012 година, со мисија да го дефинира концептот на продажба на употребена облека и да биде креативен простор за редизајнирање дизајнерска облека, но и да понуди платформа за младите македонски дизајнери.
Денес, во средина каде што доминира брзата мода, „Ри стор“ повторно нуди алтернатива што во исто време е стилска и одржлива. Како дополнување на „Лаб дизајн маркетот“, „Ри стор“ ќе работи во насока да придонесе свесност во консумирањето поткрепено со верувањето дека модата треба да биде начин на изразување, а не придонес за формирање депонии.
Со избор на уникатни парчиња од втора рака, всушност се избира намалување на побарувачката за ново производство. Со секое продадено парче, „Ри стор“ промовира циклус на повторна употреба што поддржува бавна мода и еколошка свест.
– Сите парчиња: облеката, модните додатоци или предметите што може да се најдат во „Ри стор“, носат своја приказна, а сега, имаaт шанса да станат дел од некоја нова ваша приказна. Со повторното отворање на „Ри стор“ ја обновуваме нашата посветеност кон заедницата. Без разлика дали барате да ја обновите вашата гардероба, да го украсите вашиот дом со нов карактер или едноставно ако имате некое парче за кое ви е жал што не го носите, ве покануваме да бидете дел од позелена иднина, прифаќајќи ја својата индивидуалност – велат од „Лабораториум“.
„Ри сор“ ќе работи во состав на „Лаб дизајн маркет“, од вторник до сабота, од 12 до 18 часот, во културно-едукативниот центар „Лабораториум“.