До 29 октомври во Македонија ќе се одржува 24. издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот, годинава посветена на темата „Италијанскиот јазик и книгата: светот меѓу редови“. Изборот не е случаен во многу важната година за италијанското издаваштво, во која Италија беше поканета како почесен гостин на престижни меѓународни настани, како што се саемите на книгата во Варшава и во Франкфурт, како и во Македонија, со учеството на писателката Паола Перети на неодамнешниот саем на книгата „Букстар“.
– Организирана од страна на Амбасадата на Италија, во соработка со еминентни локални институции, манифестацијата ќе понуди можност за задлабочување во италијанскиот јазик и култура, благодарение на богатата и разновидна програма наменета за публика од сите возрасти. Иницијативите всушност ќе понудат содржини од областа на литературата (со осврт на големите класици, но и на современи писателки) од лингвистиката, театарот, визуелните уметности и филмот, не изоставајќи ја и музиката преку концерти што црпат инспирација од различни епохи и жанрови, како на пример италијанската оперска традиција, но и современата рап-музика – велат организаторите.
Денеска во Европската куќа во Скопје ќе се одржи книжевна средба со Дача Мараини. Познатата италијанска писателка ќе разговара со професорката Дагмар Рајхард (Универзитет во Рига) за преводот и рецепцијата на нејзините дела низ светот. Ќе бидат претставени и македонските преводи на нејзините романи, во присуство на локални издавачи и преведувачи. Ќе биде презентиран и најновиот превод на романот „Трио“ на Дача Мараини (Рицоли, 2020 година), изработен на преведувачката работилница организирана од Катедрата за италијански јазик и книжевност при УКИМ.
Утре денот ќе биде посветен на меѓународната конференција организирана по повод 65-годишнината од италијанските студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, на која ќе се обратат и писателката Дача Мараини и лингвистката Вера Гено, која ќе одржи пленарно предавање на темата „Јазикот е политика: дијахрониски и синхрониски размислувања за прашањето на родот во италијанскиот јазик“. Отворањето на конференцијата ќе се одржи во Ректоратот на УКИМ, а работата на конференцијата ќе се одвива на 17 и 18 октомври на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, со учество на 45 еминентни научници од Италија и од регионот, кои ќе дискутираат на различни теми поврзани со прашањата на родот, јазикот, книжевноста, културата, дигиталната доба и сл.
Настаните ќе продолжат в петок, 18 октомври, со видеоконференција во конференциската сала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на која професорот Рино Капуто од Универзитетот „Тор Вергата“ во Рим ќе разговара за случаите на родово насилство во италијанската литература, со примери земени од делата на Данте, Бокачо и Пирандело. Истиот ден во Младинскиот центар во Струмица, здружението „Quo Vadis Ad Astra“ во соработка со Општина Струмица ќе организира изложба со наслов „Италија во минијатура – иконични споменици и симболи“. Станува збор за 3Д-креации – создадени од ученици од основните училишта во Струмица што го изучуваат италијанскиот јазик како втор странски јазик – инспирирани од некои од најславните споменици во Италија, како што се Колосеумот во Рим и Кривата кула во Пиза. Ќе следуваат интерактивни игри, активности за деца со боење на лице и музичка програма.
За време на викендот, програмата на Неделата на италијанскиот јазик предвидува и комична театарска претстава „Час по глума“, замислена и напишана (на италијански и англиски јазик) од Франческа Биѕари и Гофредо Пучети. Забавниот театарски перформанс – организиран во соработка со Италијанскиот културен институт од Белград – ќе се одржи на сцената на Младинскиот културен центар во Скопје, в сабота на 19 октомври и во гостиварскиот театар в недела на 20 октомври.
Следниот ден, понеделник, 21 октомври, во Центарот за обука при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, професорките Ева Ѓорѓиевска и Јована Караникиќ Јосимовска ќе одржат семинар насловен: „Светот е книгата – италијанските писатели и научници и новата визија на светот во ерата на барокот, просветителството и неокласицизмот“. Исто така, на 21 октомври, по повод 150-годишнината од Националниот планински музеј во Торино и 70-годишнината од италијанското освојување на врвот К2, во Кинотеката на Македонија ќе биде прикажан документарен филм за италијанското планинарство со наслов „Патеката на Тони“ (2023 година) во режија на Антонио Бокола. Вечерта ќе биде отворена со фотографска изложба курирана од Планинскиот музеј во Торино. В петок на 25 октомври во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ учениците од гимназијата и јазичниот центар „Лингва“ ќе презентираат видеозапис во нивна реализација под наслов „Италијанскиот јазик на битолските ученици“, кое раскажува за врската на учениците со италијанскиот јазик. Вечерта на 25 октомври во клубот „Минус Еден“ во Скопје ќе се одржи концерт организиран во соработка со Амбасадата на Швајцарија во Скопје, на кој ќе настапи популарниот италијанско-швајцарски рапер и фристајлер Матак заедно со добропознатиот македонски диџеј Гоце и со хипхоп-артистот Фанки Нано. Настанот ќе донесе на сцената енергичен перформанс, базиран на технички рап и текстови што се занимаваат со разни лични, социјални и културни прашања.
Широката палета настани на ова издание на Неделата на италијанскиот јазик ќе заврши на 29 октомври со презентација на низа активности како што се изложби, квизови, видеопроекции и литературни читања, организирани од македонското Здружение на професори по италијански и реализирани од ученици, кои ќе ја претстават својата креативност комбинирајќи ја со страста за италијанскиот јазик.