Минатата недела во галерискиот простор на „Мала станица“ се отвори ретроспективна изложба во чест на Златко Трајковски-Хинки. Очекував да биде полно, но, за жал, мојата претпоставка не се реализира, а секако не ја исклучив можноста да се сретнам со моите драги пријатели Ацо Станкоски, Жанета Вангели и Владо Манчевски, со кои своевремено се дружевме и имавме поминато многу убави заеднички моменти, но изгледа и тие беа зафатени со свои обврски. Не ми преостануваше ништо друго, туку да запловам во имагинарниот свет на Хинки.
Вреди да се напомене дека речиси сите негови слики, освен една, на која ќе се осврнам подоцна, не само што немаат работни наслови туку и не се потпишани.
Голем број од делата се работени во комбинирани техники: најчесто масло на хартија, шперплоча и картон, но тој жонглира и со пастелните нијанси, сакајќи да добие инвентивен момент на оригиналност. Сепак, ќе треба да се внурнеме во лавиринтите хоризонти и да ги разоткриеме шифрираните кодови за да ја откриеме неговата цел; тој луцидно си поигрува со колажните техники каде што се претставени хаосот, насилствата, промените на глобално ниво, алудирајќи на глобусот, а во стилот на големите режисери што незабележливо се појавуваат во своите филмови миговно, тој употребува марифет со учеството на својата рака со својот заштитен симбол прстен, а во раката држи цигара.
Експресивна умешност прикажува во големите димензиски формати со претстава на музичките правци во музиката: рокенролот и панкот, од кои вторите се со анархистички идеи и ставови, не помалку насилна природа каде што во безброј случаи се пресметуваат со полицијата. Во творештвото на Хинки има еден период од халуциногениот свет на фантазмите, алегории на танцот со хипносот, како и косењата на полурелигиозна тематика на соочување – од едната страна ангелот, а од другата страна секси-девојка, која ја моли за љубовен танц. Дали е тоа така не можеме да кажеме со сигурност, но можеме да претпоставиме дали Хинки има црпено знаење од американскиот претставник на апстрактниот реализам Роберт Раушенберг, со оглед на тоа дека во исто време ги меша огненожолтата боја со парискосината и на смел начин додава зелена или кафеава, што заслужува секаква пофалба, особина што ретко кој може да се пофали дека ја поседува.
И како ли да ги именуваме неговите следни дела, би можеле да се препуштиме во светот на имагинацијата, да нагаѓаме за лунарната елегија или за жизнорадосната природа на портокаловата и повторно жолтата, овој пат со сончевите зраци што милуваат млада девојка по лицето.
Различен е бинокуларот на портретните рефлексии, почнувајќи од наивна претстава од примитивниот период, па сѐ до компактноста на фацијалната експресија, како и одлично изработениот женски акт со класицистички линија. Но да се навратиме како што спомнав во почетокот на текстот за неговото едно и единствено дело што има наслов „Сако еванзети“, но и е потпишано. Познато е учеството на Златко Трајковски во светот на музиката каде што го достигнува својот зенит на креативната моќ со бендот „Клоуснес“, кој ќе изврши големо влијание на алтернативната сцена во Македонија, но и со „Вермилон“ при соработката со Нора.
Неоспорна беше харизматичната природа што наликува на индијанскиот поглавар Џеронимо, ќе остане запаметен од ТВ-филмот „Драма на прогонот“, но и култниот филм „Кокино“ на Ацо Станкоски, а се надеваме дека пријателите ќе го помнат и како еден од учесниците во групацијата „Зеро“, која, пак, испиша нова страница на алтернaтивната сцена во Македонија.

Александар Василевски