Шампионот Макпетрол

Во Светскиот куп настапуваат Макпетрол во машка и Пелистер Пин во женска конкуренција, во Европа-куп ќе игра машката екипа на Вардар 2014, а во НБЦ-купот машките екипи на ГТЦ Мусандра и Пелистер 1982. Во ЛШ од Светскиот куп ќе се пласираат првите осум екипи, од Европа-куп првите пет, а од НБЦ-купот првите три

КУГЛАЊЕ

Кугларите на повеќекратниот македонски првак Макпетрол од вчера до сабота во Залаегерсег (Унгарија) ќе учествуваат на 35. Светски куп (СК), во конкуренција на 15 национални шампиони. Во женска конкуренција ќе настапи шампионот Пелистер Пин, заедно со уште 12 екипи. Се игра на шест патеки, при што се бодуваат поединечниот и вкупниот резултат.
Според програмата, до утре се квалификациските натпревари на кои настапуваат по двајца или тројца куглари/ки од секоја екипа. В петок се полуфиналните дуели, а в сабота се натпреварите за бронзениот и за златниот медал. Првите четири екипи во сите купови по квалификациите, ќе се пласираа на завршниот фајналфор-турнир.
На 35-от Европа куп што ќе се игра во Марибор (Словенија), македонските бои ги брани вицепрвакот Вардар 2014 меѓу 15 екипи, а во женска конкуренција Македонија нема претставник. А во 22-от НБЦ-куп во Апатин (Србија), пак, кој е и најмасовен од сите, ќе настапат ГТЦ Мусандра од Скопје и Пелистер 1982 во машка конкуренција, меѓу 25 екипи, додека во женска Македонија нема претставник.
Во минатата година, во истите купови, Макпетрол беше 11-ти (победи италијански Неумаркт), Вардар 2014 го освои осмото место (победи германски Раиндорф), Пелистер беше на 21-то место, а ГТЦ Мусандра на 22-то (победи хрватски Задар), додека женската екипа на Пелистер Пин беше 12-та во НБЦ-купот, и на тој начин никој не обезбеди пласман во Лигата на шампионите (ЛШ), во која од Светскиот куп ќе се пласираат првите осум екипи, од Европа-куп првите пет, а од НБЦ-купот првите три. Г.И.