Светскиот ден на лицата со церебрална парализа, 6 Октомври, и Детската недела, во МКЦ во Скопје беа одбележани на посебен начин – со инклузивната театарска претстава „Малиот принц“, проект поддржан од скопската општина Кисела Вода.
– Децата од Здружението на деца и родители со церебрална парализа, заедно со децата од детскиот алтернативен театар „Мали, а големи“, го претставија светот на пријателството, љубовта и храброста. Преку овој настан јасно се гледа дека сите деца, без разлика на нивните предизвици, имаат еднакви можности да ги покажат своите таленти и да учествуваат во општествените активности. Со секој ваков проект ја намалуваме маргинализацијата и го отвораме патот за поинклузивно и поправедно општество – велат од Општината.
Има најави дека локалната самоуправа и во иднина ќе продолжи да ги отвора вратите за сите деца и да создава средина каде што сите се прифатени и вреднувани.