Неуморна потрага по нови научни откритија
Кина ја почна втората фаза од конструкцијата чија цел е зголемување на капацитетите на најголемиот радиотелескоп со една чинија во светот. Станува збор за телескопот ФАСТ што се наоѓа во Гуижоу, на југозападот од Кина, и е во функција од 2020 година. Во план е на ФАСТ да му бидат додадени нови 24 мобилни радиотелескопи, секој со дијаметар од 40 метри. Проширувањето на капацитетите има цел да ги искористи предностите на „тивката“ електромагнетна средина во радиус од пет километри околу телескопот, соопшти кинеската ЦЦТВ.
Со комбинирањето на мобилните телескопи е предвидено подобрување на способностите на ФАСТ за резолуција и откривање, што треба да им овозможи на научниците да спроведат подлабоко истражување во различни области. Проширувањето треба да придонесе и за следење на ситуацијата во вселената, откривање мали објекти во Сончевиот Систем, како и за комуникација и контрола на сонди во длабоката вселена. Овој гигантски телескоп досега откри повеќе од 900 пулсари, односно брзо ротирачки неутронски ѕвезди.
ФАСТ беше конструиран во 2016 година, додека целосно беше оперативен на почетокот на 2020 година. Проширувањето на капацитетите на ФАСТ почна на 25 септември, на осмата годишнина од завршувањето на конструкцијата.