Иконографските предлошки по кои работел Крсте Зограф, најверојатно, се од светогорските влијанија, но тој изградил свој специфичен стил. Се работи за солиден познавач на зографскиот занает, кој сосема добро владее со цртежот и со анатомската пропорционалност
Изложбата „Икони од повардарска епархија“ – фотографии на дела на Крсте Зограф, ќе биде отворена утревечер во Ликовниот салон во Велес. Зографот Крсте од Велес е еден од позначајните иконописци од почетокот на 19 век, роден во Велес. Неговите дела се настанати во периодот од втората до четвртата деценија на 19 век, главно атрибуирани на територијата на денешна Македонија, во поголем дел анонимни. Крсте Зограф не сметал дека е потребно да го става потписот на секоја икона, својот потпис, од досега евидентираните, го ставил на девет икони.
– За потеклото на зографот Крсте од Велес се дознава од неговиот потпис на неколку икони, каде што го потенцира неговото потекло од градот Велес. За неговото потекло и наследници непосредно се дознава од натписот од манастирот на Св. Ѓорѓи од Неготино, во кој зографот Костадин – Хаџи Косте зограф од Велес во 1875/76 го истакнува својот идентитет како син на Крсте Зограф, родум од Велес. Тој податок е потврден и со објавувањето на натписот од царските двери (1859 г.) од манастирот во Согле, Велешко – вели Елица Никoлова, кустос-советничка, организаторка на изложбата.
Иконографските предлошки по кои работел Крсте Зограф, најверојатно, се од светогорските влијанија, но тој изградил свој специфичен стил. Се работи за солиден познавач на зографскиот занает, кој сосема добро владее со цртежот, а добро владее и со анатомската пропорционалност. Особено внимание посветува на ликот, цртите на лицето се силно нагласени.
– Икони од Крсте Зограф во Велес има речиси во сите постари цркви. За негово најстаро потпишано дело се смета иконата „Св. Архангел Михаил кој ја мачи душата на богатиот“, од 1815 година во параклисот на црквата „Св. Ѓорѓија“ од Велес. Од крајот на втората деценија за опусот на зографот Крсте од Велес, од големо значење се датираните икони од иконостасот во храмот во Црквино. Најмногубројни и најкомплексни дела од Крсте Зограф во Повардарската епархија се иконостасните икони настанати во црквата „Св. Никола“, во селото Уланци, во малата еднокорабна црквичка сместена на ритчето над селото. Во 1828 се изработени и пет икони за црквата „Св. Архангел Михаил“ во с. Горно Чичево. Непотпишани икони има и во црквите „Св. Василиј“ во с. Грнчиште, „Св. Атанасиј“ во с. Богомила, „Св. Петар и Павле“ во с. Папрадиште, Велешко. Надвор од Велешко, во повардарскиот регион се среќаваат многубројни икони од овој плоден автор – вели Никoлова.
Голем број икони од неговата работилница има во Црквите од Кавадаречко. Во црквата „Успение Богородичино“ во с. Ваташа, изградена во 1817 г., најстарата потпишана икона е „Царски Двери“ од 1818 година. Негови икони има и во: црквата „Св. Архангел Михаил“ во с.Бошава; црквата „Св. Стефан“ во с. Конопиште; црквата „Св. Мина“ во с. Граниково; црквата „Архангел Михаил“ во с. Ресава; црквата „Св. Богородица“ во с. Бегниште. Исто така поголем број непотпишани икони има во црквата „Св. Димитрие“ во Смоквица, Гевгелиско, во најголем број настанати во 1834 и 1835 година, најверојатно работени со помошник. В.Д.