Фото: ЕПА

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика на прекин на „шокантното насилство“ и „крвопролевање“ во Газа и Либан, пред првата годишнина од нападот на палестинскиот исламистички Хамас врз Израел што го предизвика жестокиот одговор на Израел и беше почеток на војната во Газа.

Утре се навршува првата годишнина од нападот без преседан на Хамас врз Израел, по кој еврејската држава возврати и почна операции во Газа, каде што Хамас е на власт.

Од пред две недели војната се прошири и во соседен Либан, каде ИДФ ги гаѓаат позициите на Хезболах, близок сојузник на Хамас.

– Утрешниот ден е можност меѓународната заедница уште еднаш гласно и силно да ги осуди грозоморните дејствија на Хамас, особено киднапирањето заложници – рече Гутереш во вчера објавеното соопштение.

Гутереш побара „итно и безусловно ослободување“ на заложниците и го повика Хамас да му дозволи на Меѓународниот комитет на Црвениот крст да ги посети заложниците.

Достапните податоци велат дека од киднапираните 251 лице на 7 октомври, во моментов се верува дека во Газа се уште се наоѓаат 97, иако има стравувања дека во меѓувреме загинале уште најмалку 33 од нив.

– Од 7 октомври се прошири бранот шокантно насилство и крвопролевање. Време е да се ослободат заложниците… време е да се замолчат пушките. Време е да се стави крај на страдањата што го зафатија регионот – наведе Гутереш.

Тој, исто така, изрази загриженост за конфликтот што се шири во Либан против Хезболах поддржан од Иран.

– Војната што следеше по ужасните напади пред една година уништи повеќе животи и предизвика тешки човечки страдања на Палестинците во Газа, а денес и на либанскиот народ – рече Гутереш.