Денеска во рамките на одбележувањето на 20-годишниот јубилеј на манифестацијата „Бела ноќ“, во организација на Универзалната сала во Скопје, Националната галерија традиционално се приклучува кон ноќта во која се бдее над уметноста и со задоволство ги најавува проектите што ќе бидат дел од богатата програма на културната понуда.
Во „Даутпашиниот амам“ ќе може да се види изложбата „120 години од раѓањето на Томо Владимирски“, која ќе биде отворена и во текот на октомври. Томо Владимирски е еден од основоположниците на македонскиот модернизам во ликовната уметност. Македонскиот модернизам, чија основа ја поставија неколкумина претставници на првата основоположничка генерација образовани македонски ликовни уметници, започнува да се следи од крајот на втората и третата деценија на минатиот век, преку активности и изложби што почнуваат да го носат „новиот“ модерен дух на развиените европски општества, имплементиран генерално низ активната соработка со северниот сосед. На таа генерација, која ја предводат Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов-Аврамовски, Димо Тодоровски, Вангел Коџоман и други, со мало задоцнување им се приклучува и Томо Владимирски.
Во „Чифте-амам“, пак, ќе може да се погледне изложбата „Сенки во облаците“ на Емил Шулајковски. Впечатокот што на прв поглед освојува во тридецениското творештво на Емил Шулајковски е константата дека тоа се базира на основниот сликарски постулат – бојата, како визуелна перцепција преку која се осознава суштината на сликањето. Бојата е рефлексија на трансформираната енергија на внатрешните интимни превирања и го дефинира процесот на создавање на сликата, интерпретиран како израз на внатрешните душевни и психолошки состојби, како трага на уметничкото духовно и психичко доживување. Апстрактните предели што ни се нудат се создадени со асоцијативни, гестуални и слободни форми, кои визуелно потсетуваат или навестуваат пејзажна атмосфера или се изведени со редукција на пејзажни примери со слободни. Имагинарните светови на Емил Шулајковски го одразуваат поетското чувствување на атмосферата, се движат од етерични аркадиски асоцијации до носталгично драматично замислени измислени сцени, рефлектирајќи своевидна теозофија, антропозофија што ја слави радоста на живеењето преку пантеистичка животна и уметничка филозофија.