Пред паузата поради СП водечка во групата А е Барселона, а Вардар е втор, пред Левен, Киелце, Веспрем…
Ракометарите на Вардар го победија Киелце со 28-27 и ќе презимат на втората позиција во групата А во годинашната Лига на шампионите (ЛШ), со 13 бода, гол-разлика 284-277 (во просек 28,4-27,7) и со една од најдобрите одбрани во својата група. Ова е одлично постигнување со оглед на силината на групата, како и фактот што пред почетокот на сезоната од клубот си заминаа неколку ракометари.
Тоа е епилогот по одиграните 10 кола сезонава во ЛШ и претстојната пауза до февруари, поради одржувањето на Светското првенство (СП) во Германија и во Данска во јануари, каде што ќе настапи и македонската репрезентација.
Полскиот првак Киелце остана на табелата со еден бод помалку од македонскиот првак. Ефикасноста на вардаровиот напад на мечот во саботата (64 отсто) и шутот кон голот (67 отсто), во однос на Киелце (59 и 50 отсто), беа решавачки. Ова беше вкупно седми меѓусебен дуел на двете екипи во ЛШ, а поуспешен е Киелце со четири победи (Вардар има три победи).
– Задоволен сум од победата, совладавме силна екипа. Одлично го отворивме натпреварот и одигравме одлично во првите 30 минути. Во еден период имавме и 5-6 гола предност, но Киелце е силен тим и знаеше како да се врати на мечот.
Презадоволен сум од начинот на кој успеавме да победиме, посебно кога имаме и намалена ротација во екипата поради неколкуте повредени играчи – вели Роберто Парондо, вардаровиот тренер.
Без разлика на другите дуели на врвот, шпанска Барселона е убедлива на врвот, а вистинско разочарување е актуелниот првак, француски Монпелје, кој пред вчерашниот дуел со Веспрем беше прикован на дното со само три бода.