Училиште во израелскиот град Гедера оштетено во иранскиот ракетен напад / Фото: ЕПА

Белата куќа прва предупреди за можен ирански напад врз Израел, веројатно со слаба надеж да го одврати. И покрај сите опасности што овој напад ги носи за Блискиот Исток, тој исто така се заканува да има значително влијание врз американската политика, пет недели пред претседателските избори во САД. Секогаш кога има претседателски избори во Америка се шпекулира за можно „октомвриско изненадување“ што ќе ја промени трката на само неколку недели пред гласањето. Израел и Иран штотуку го испорачаа октомвриското изненадување за претстојните избори

Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток силно се чувствува во САД

Глетката на ирански проектили што се спуштаат врз израелски Тел Авив во вторникот вечер беше најјасниот знак досега дека регионалниот конфликт на Блискиот Исток, од кој се стравуваше во текот на изминатата година, веројатно почна. Ова е втор ирански воздушен напад врз Израел за помалку од шест месеци, но овој пат целите на балистичките ракети вклучуваа густо населени урбани области. Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека ракетниот напад бил одмазда за смртта на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, и за атентатот на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, во јули додека тој беше гостин во Техеран. Сега се очекува одговор на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Белата куќа прва предупреди за можен ирански напад врз Израел, веројатно со слаба надеж да го одврати. И покрај сите опасности што овој напад ги носи за Блискиот Исток, тој исто така се заканува да има значително влијание врз американската политика, пет недели пред претседателските избори во САД. Секогаш кога има претседателски избори во Америка се шпекулира за можно „октомвриско изненадување“ што ќе ја промени трката на само неколку недели пред гласањето. Израел и Иран штотуку го испорачаа октомвриското изненадување за претстојните избори, пишува „Фајненшл тајмс“.

Повеќемесечните напори на САД не дадоа резултати

Во своите повеќемесечни напори американските власти не успеаја да издејствуваат дoговор според кој израелските заложници би биле ослободени во замена за мир во Појасот Газа, а нивните обиди заедно со Франција да преговараат за прекин на огнот во Либан, во текот на Генералното собрание на Обединетите нации минатата недела, во најмала рака, пропаднаа. Од избувнувањето на војната во Газа по упадот на Хамас во Израел на 7 октомври минатата година, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги презеде заслугите за спречувањето ескалација на оружените судири на Блискиот Исток во регионален конфликт. Тоа тврдење повеќе нема тежина.
Силите на воздржаност на Блискиот Исток слабеат со секој изминат ден. Политички гледано, администрацијата на Бајден не сака да биде прикажана како фактор што му ги „врзува рацете“ на Израел при соочување со ирански напад врз израелските градови. Иранската власт (особено ИРГЦ), пак, чувствува притисок да им покаже на своите регионални сојузници, од Хезболах до Хутите во Јемен, дека не е слаба, туку оти претставува регионална сила – водач на т.н. „оска на отпорот“. Се смета дека Нетанјаху сега ќе има поголема слобода за одговор, бидејќи на Вашингтон ќе му биде потешко да влијае врз неговите понатамошни постапки.
– Во такви опасни времиња, регионот историски гледаше кон Вашингтон за одвраќање од ескалација. Во изминатата година администрацијата на Бајден се бореше да спречи регионална војна на Блискиот Исток, плашејќи се дека таа може да ги вовлече САД или да предизвика хаос во светската економија. Таа политика сега е многу блиску до неуспех. И таквата слабост потенцијално предизвикува понатамошни напади, а истовремено доведува до губење на влијанието на САД во регионот – пишува британски „Фајненшл тајмс“.

Игнорирани апелите од Белата куќа?

Белата куќа можеби сè уште го повикува Израел да го ограничи својот одговор кон Иран и да не возвраќа толку силно што Техеран ќе се чувствува принудено да возврати уште посилно. Со оглед на тоа што израелските сили веќе се борат во Газа и во Либан, владата на Нетанјаху можеби има свои причини да не го ескалира директниот конфликт со Иран во моментов. САД претходно со месеци го повикуваа Израел да не врши напад врз Хезболах. Откако Израел ги започна непријателствата минатиот месец, администрацијата на Бајден им се придружи на Обединетото Кралство, Франција и на други западни сојузници, апелирајќи за итен прекин на огнот во Либан. Таквите апели повторно беа игнорирани.
Подготвеноста на владата на Нетанјаху едноставно да ги игнорира желбите на својот најблизок сојузник и гарант за безбедност произлегува од парадоксот во срцето на американската политика. Администрацијата на Бајден може и го повикува Израел да покаже воздржаност во Газа и во Либан. Но, исто така, секогаш ќе го штити Израел од последиците на ескалацијата, наведувајќи ја сеопфатната посветеност да го брани од Иран и неговите други регионални непријатели. Како резултат на тоа, израелската влада разбира дека пркосењето на администрацијата на Бајден е речиси без ризик. Навистина, може да има дури и некои придобивки ако ги привлече САД да ја распоредат својата воена моќ против Иран. Р.С.


Конфликтот на Блискиот Исток може да влијае врз претседателската трка во САД

Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток може да влијание врз исходот од претседателските избори во САД, со што се смета дека веројатно ќе ги зголеми изгледите за победа на претседателскиот кандидат на Републиканската партија, Доналд Трамп, пишува британски „Гардијан“ во анализа на случувањата по ракетниот напад на Иран врз Израел.
– Долго време има гласови во одбранбениот естаблишмент на САД што ги повикуваат американските власти да дејствуваат превентивно против иранската нуклеарна програма. Тие повици сега ќе се засилат во обид да се влијае на претседателот Џо Бајден, кој вети дека ќе го брани Израел од иранската закана. Администрацијата на Бајден генерално беше претпазлива кога станува збор за воени потфати во странство, а од Камала Харис се очекува да следи сличен пат, со помала сентиментална приврзаност кон Израел, доколку победи на изборите. Но ескалацијата на насилството на Блискиот Исток ќе им наштети на нејзините шанси да го наследи Бајден во Белата куќа и ќе ги приближи изгледите за враќање на Доналд Трамп во Белата куќа – се заклучува во анализата на „Гардијан“.


Нетанјаху најави решителен одговор, Иранците реплицираа со закана
за „големо уништување“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападот на Иран врз неговата земја не успеал и вети дека ќе возврати.
– Иран направи голема грешка и тие ќе платат за тоа. Режимот во Иран не ги разбира нашата решеност да се браниме и нашата решеност да им возвратиме на нашите непријатели – рече Нетанјаху на почетокот на состанокот на политичко-безбедносниот врв на земјата.
Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари, изјави дека Израел ќе избере како и кога ќе одговори на иранскиот напад.
Иранските вооружени сили, пак, соопштија дека ќе ги гаѓаат „базите и интересите“ на поддржувачите на Израел во регионот доколку директно интервенираат против Техеран, додавајќи дека секој одговор на Израел на неговиот ракетен напад ќе биде дочекан со „големо уништување“ на израелската инфраструктура. Р.С.