Општо мнение е дека Македонија пристојно „се помрдна“ од ендекот во кој се најдовме. Конкретно, најактивни и офанзивни се министерот за транспорт Александар Николоски, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Браво – народот сака само да продолжите без застанување. Премиерот Мицкоски може да им се придружи иако има и некои критики. Дечкото игра, ама прима и удари, па не може да бидеш шампион без да примиш некој аперкат
Сто дена – еееееј, летнавте како сиви галаби. За некого 100 дена е голем период – на пример последните 100 дена на Наполеон. Дечкото направи ’ршум низ Европа.
Ова што ќе го кажам не е ниту мое лично мислење ниту на некоја партија или установа. Ова е она што го зборува народот „од улица“. Значи, поголем дел од народот е наклонет на новата влада, но доста и не е (близу една третина). Општо мнение е дека Македонија пристојно „се помрдна“ од ендекот во кој се најдовме. Конкретно, најактивни и офанзивни се министерот за транспорт Александар Николоски, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Браво – народот сака само да продолжите без застанување. Нема стоп! Како велевме кога бевме млади „нема одмора док траје обнова“! Премиерот Мицкоски може да им се придружи иако има и некои критики. Дечкото игра, ама прима и удари, па не може да бидеш шампион без да примиш некој аперкат. Кредитот од Унгарија е ОК, ама ќе „истече“ во Грција. Како? Па така, над половина од Македонците „не можеле да дишат и да живеат“ ако не одат на одмор во Грција и таму да „сплескаат“ милијарда до милијарда и пол евра годишно. И з’ш ќе ни е кредитот? – Да им ги „шибнеме“ на Грците, кои нѐ плукаат.
Премиерот Виктор Орбан има Метернихова визија. Метерних е „постбонапартски Бонапарт“, некаков нефизички мост на Франција, Централна Европа со Русија, духовен татко на Кисинџер, а тој беше инфлуенсер (во најмала рака) на Путин (така барем самиот велеше во некои сеќавања). Историчари велат дека и Наполеон и антинаполеонците биле финансирани од Натан Рочилд, што значи тој го финансирал и Метерних. И Кисинџер беше човек на Рочилди, исто и Федерал ризерв, Бушовци, ЈНА, формирањето на Израел (идејата е друга приказна), а исто и непријателите на Израел, сите левици и десници… Југославија (Народна банка), а Македонија беше финансирана од Чеис – комбинација на Рочилд и Рокфелер. Тоа е за друга тема.
Претседателката Гордана Силјановска е моја другарка од детството и тука сум субјективен. Помнам дека фамилијата ѝ беше во тешка состојба, беа три деца и во животот постигнаа успех само со голем труд. Гордана има феноменален успех и мое мнение е дека е најобразована (или една од нив) личност во Македонија. За жал, во стоте дена доби два сериозни „аперката“ од најблиските ни соседи Грција и Бугарија, но сепак не сме Ватерло. Таа многу им веруваше. Да веруваш во пријател е доблест возвишена и пеколна. Еден епитаф во Бугарија вели „тук почива тој што им веруваше на пријателите“ (мислам дека беше еден војвода). Граѓаните ѝ веруваат. Само напред! Министер за правда… се извинувам го заборавив името, бидејќи не се појавува на телевизија… би требало да биде втор човек во државата – тој што носи закони – ама „њега нема па нема…“ А замислете, прв министер за правда бил Павел Шатев – кое значение. Затоа неговиот сопартиец Горан Минчев (не Никола Минчев кого го познавав од „таквијата“ систем) – богами испали еден опасен рафал околу фамозниот балансер, ете ја оправи малку работата. Ќе има и нов закон за праведност. Добро, ама да не биде „Курто и Мурто“ за балансерот.
Ајде препишувајте закони, пофалете се дека ги имате сите европски закони! Нивниот шеф Максим Димитриевски е фантастичен човек. Ама на партијата ѝ паѓа рејтингот – ајде, ајде пријателе, да не останеме само на убавото Куманово. Филипче е генерал без војска. Тој ќе остане соло-напаѓач на Владата, што би рекол професорот Адижес – „осамен командос“. Доктори не смее да бидат политичари. Јас би им забранил, но ќе речат дека сум недемократ. А социјалдемократите да читаат малку социјалдемократска литература, а не само за приватизација и блиц-профитирање. Артистот Африм Гаши се врти како „фламингос“ околу убавите претседателки на Косово и Албанија. Импресивно. А Македонија – фуј! Што ќе му е Македонија? – Па појќе албански знамиња имет в Македонија отколку в Албанија. Нашиве политичари геројски ја отфрлија кичмата на Заев и се фатија за опашката на Гаши. А Македонците во Албанија… еееееј пак ги заборавивме. Чао… „see you next time“… и повторно се сами. Па в година пак ќе плачеме дека повеќе имало Бугари од Македонци. Ама јас секогаш велев дека правиот шеф во Македонија е вечниот Али Ахмети. Следете го патот на парите. Порано кај Мала Речица имаше подземен „град“, фортификација како оние што ги направи фелдмаршал Ромел покрај Атлантикот. Да не очекува атомска војна? Бог да чува. А нашите? – Аберче си немаат. Чекаат НАТО да ги направи. Нашите „гољами“ аналитичари се – се грижат за Донбас, Крим, БРИКС (мани-мани….), Газа, обавезно липтаат и плачат за Хамас и Хезболах, а не гледаат дека џихадистите овде им се влезени во коските и креветот. Одвојувањето на Албанија за влегување во ЕУ е вовед во војна. Ќе биде влезна врата за џихад, а тоа може да биде и Македонија. Центарот за имигранти (бегалци) што го изгради Италија во Албанија е „детска градинка“ за идните европски џихадисти. Енклавата на бектешите е конструкција на Ватикан и западните служби. Бектешите секогаш биле тајно прокатолички, а имале и јаничари. Хоџистичка Албанија е креација на Франк Визнер (ЦИА), а титоизмот е креација на Черчил за „контрирање“ на Сталин (кобожемски Тито од Вис летнал кај Сталин, зад грбот на Черчил – гачки).
Одвојувањето на Албанија за влегување во ЕУ е вовед во војна. Ќе биде влезна врата за џихад, а тоа може да биде и Македонија. Центарот за имигранти (бегалци) што го изгради Италија во Албанија е „детска градинка“ за идните европски џихадисти. Грција и Бугарија не сфаќаат дека односот кон Македонија е џихадизација од која и тие ќе изгорат
Сега сме концентрирани на изборите во САД. Главни теми се економијата, даноците, здравството, имиграциите, а во надворешната политика се Украина, Израел и Азија. Има многу сиромашни, џихадисти и незадоволни во САД. Сакале или не зависни сме од нив. Нашата судбина е многу врзана и за Блискиот Исток. Сега ќе јурнат бегалци од Либан, потоа повторно од Сирија, а паралелно и од Азија. Иран ќе има огромни проблеми внатре, а исто и Турција. Војната експандира – се остварува предвидувањето на професорот Самуел Хантингтон. Јас сум на страна на Израел. Морам. Една Треблинка и Аушвиц се доволни. Секако, масовна погибија не ми се допаѓа… но за морал – ај да не зборуваме. Знаете што е најголем морал? – Да се погледате сите себеси. И помислите, без разлика од која вера сте, кога џихадот ќе ви тропне на врата – доцна е! Џихадот не го измислија исламистите. Исламот во принцип е мирна, домаќинска религија. Секоја вера е драгоцена. Тоа ќе го дознаете кога ќе бидете старец како мене (или никогаш). Џихадот – сегашен (не историскиот) е милитаристички производ на безбедносните служби (главно западни). Потоа секоја фрагментација на држава или народ како оваа на Балканот е војна (синдром на Југославија) – имате деца во жижата, мислете! Грција и Бугарија не сфаќаат дека односот кон Македонија е џихадизација од која и тие ќе изгорат. Околу една милијарда евра дава Саудиска Арабија „за џамии“ во Македонија. Колку дава Иран? Над 20 центри за обука на терористи има на Балканот (италијански медиум). Експерти велат 18 отсто од кокаинот проаѓа низ Македонија, а 100 отсто од светскиот кокаин и една третина од хероинот ги води албанската мафија. Тоа ти се батка трилиони долари. А полицијата? Мафија без полиција е како болница без доктори. Барајте ги. А за споредба, буџетот на американската армија е под еден трилион. Што би направил ако имаш барем еден трилион долари? Како ќе ја ликвидираме мафијата?
За името да не зборувам многу – верглана тема. Само да споменам едно здружение, кое се викаше „Македонски манифест“ со истакнати интелектуалци, кое се бореше да се зачува името „Република Македонија“. Јас повеќе бев слушач, а имав и една идеја за името „Светата земја Македонија“, но не заживеа. Тоа не е важно. Важно е дека таму не видов ниедна фаца, одн. ниедно активно лице, од ниедна партија од сегашната или поранешната власт, а сите велат дека грчевито се борат за идентитетот. Сѐ е тоа бизнис за поени батка. Толку за оваа работа. А за градот Скопје? Зошто ние старците упорно сакаме да живееме во овој град, па и за самиот крај? Има ли некоја магија од небото што нѐ зацврстува на оваа историски монументална парцела? Напуштени продавници, карабини, крш, ѓубре, загадување, канализација, Вардар максимално загаден, проблеми со градски превоз… Канал 5 еднаш направи убава ревија на „украси“ што стојат под Камени мост, Владата и Универзитетската библиотека. Украсите си стојат на место – разбира се. Запрашав едни туристи како им се свиѓало Калето, а тие ми рекоа „ве молиме не одете таму – тоа е хорор“. Што ли виделе? Толку за успесите на градот Скопје – град на Европа 2028. За пензиите фала, ама – „куме изгоре ти ќесе!“
Е па, чаре за сето ова? Тешко. Нобеловецот Пол Самуелсон ни велеше „прво ќе штедите, многу, неколку години, а потоа парите ќе ги инвестирате“. Ама ние не можеме. Си ги џиткаме милијардите во Грција за џингрлаки. Грците нѐ мразат и понижуваат, а ние без Грција умираме бе батка. Е па, ќе се мачиме. ПРВО (по мене, субјективно) – да се воведе граѓански устав (буквално препишан од САД – на Медисон, Франклин и Џеферсон) – за да биде прифатлив за сите „етникуми“, „етникумули“ и конфесии кај нас. Да не остане овој „југословеноиден“ устав – како велеше пријателот Најдан Пашиќ (творец на југословенскиот устав од 1974) – од него почнува распадот на Југославија. ВТОРО – фортифицирање на одбранбените сили (очекувајте идни немири, конфликти и насилства) – на пр. Израел најмногу акцент става на армијата, разузнавањето и тајната дипломатија (кај нас дали воопшто постои). Без нив државата нема да постои ни минута. Ќе нѐ брани НАТО? Ај да видиме. ТРЕТО – да се укинат етнички партии (јас би ги забранил). ЧЕТВРТО – сериозно да се бориме за својот пат. Опции за тој пат се Европа – јас сум отсекогаш за таа – но да се бориме лавовски со тајна и јавна дипломатија (не само да плачеме). Друга опција ако нѐ отфрлат – јас не сум за таа, но има други што се – БРИКС (има многу земји богати таму, барем советници да бидеме). ПЕТТО – одамна го кажувам – сојузирање со мали развиени земји – Лихтенштајн, Луксембург итн. За секоја од овие важат два услова: да бидеме екстремно сериозни и да ја ликвидираме мафијата. Секако – ако добиеме дозвола од големите сили.
ЗА КРАЈ, КЛУЧНИ ЗБОРОВИ ЗА РАЗВОЈ СЕ: закони, земјоделство, банкарство, штедење, вештачка интелигенција, магистрали, образование, безбедност и здравство.
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио