Фото: ЕПА

Ова тестирање, кое ќе трае до крајот на годината, има цел да го подобри искуството на гледачите без да го наруши текот на натпреварот или фокусот на играчите, рече Рос Хачинс, главен спортски директор на АТП

Деновите кога љубителите на тенисот пропуштаа дел од мечевите додека трпеливо чекаа во редици за повторно да ги заземат своите места би можеле да станат минато со обидот да се овозможи поголема слобода на движење за време на настаните на тениските мечеви на АТП-турнејата, пишува „Ројтерс“.
Како еден од неколкуте потези за создавање подобрено искуство на публиката и усогласување на тенисот со другите спортови, строгите правила што го регулираат протокот на гледачи беа олабавени во текот на летото и од Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) и од Женската тениска асоцијација (ВТА). Досега тест-периодот, во кој им се овозможува на гледачите да седнат на своите места пред промените на страните за време на првите пет гема од натпреварот, освен за оние директно зад тенисерите, доби „позитивни повратни информации“ според АТП.
– Ова тестирање, кое ќе трае до крајот на годината, има цел да го подобри искуството на гледачите без да го наруши текот на натпреварот или фокусот на играчите. На гледачите им е дозволено да влезат на стадионот по секој од првите пет гема во секој сет, со исклучок на областите зад основните линии. На крајот на годината ќе се процени влијанието пред да се одлучи за следните чекори – рече во изјавата Рос Хачинс, главен спортски директор на АТП, пренесе „Ројтерс“
Претходно, гледачите што сакаа да купат храна и пијалак или да имаат пауза во тоалет помеѓу гемовите често се соочуваа со пропуштање значителен дел од следниот гем, додека чекаа да им биде дозволено да влезат на следната промена на страните на тенисерите. Н.М.