Фестивалот „Букстар“ ја објави целосната програма за десеттото издание и таа вклучува голем број атрактивни настани и импозантни авторски имиња од различни европски држави: Јон Калман Стефансон (Исланд), Алесандро Барико (Италија), Кристијан Новак (Хрватска), Здравка Евтимова (Бугарија), Жозе Луиш Пејшото (Португалија), Игор Маројевиќ (Србија), Паола Перети (Италија), Фарук Шехиќ (Босна и Херцеговина) и Мирженка Чехова (Чешка). Автор во фокусот од Македонија е Румена Бужаровска, која ќе го прогласи фестивалот за отворен, но во програмата учествуваат уште четириесетина македонски писатели, универзитетски професори, критичари, музичари и друг вид претставници од издавачкиот и од културниот сектор.
– Поттикнати од јубилејот, годинава за првпат се доделува специјалната наградата „Букстар“ за исклучителни достигнувања во литературата на Алесандро Барико, со гаранција најпознатиот италијански писател, еден од омилените европски автори, интелектуалец што стана глобална сензација и човек чие име е звучно како на рок-ѕвезда. Речиси целото негово дело е преведено на македонски јазик и тоа вклучува голем број дела со култен статус: „Свила“, „Замоци на гневот“, „Новеченто“, „Океан Море“, „Мистер Гвин“, „Оваа приказна“, од кои дел се и екранизирани и поставени на театарските сцени.
– Говориме за автор што со секоја книга освојува некоја нова пишувачка територија и од крајот на 1990-тите години интересот за него не спласнува. Барико остана глас што и кога пишува различно од своите првични романи, повторно е свеж и иновативен. Тој е вечна метаморфоза на имагинацијата и на нејзините неисцрпни можности. Со оглед на тоа дека неговите патувања во странство веќе четири-пет години се сведени на минимум, фестивалот „Букстар“ годинава ја има честа да реализира ексклузивно онлајн учество на еден од најголемите автори на денешнината, повод поради кој наскоро ќе го објавиме и преводот од неговата најнова книга „Авел“ – велат од „Антолог“.
Вториот годинашен лауреат е Јон Калман Стефансон, кој се закитува со традиционалната награда „Букстар“ за трилогијата „Помеѓу рајот и пеколот“. Стефансон (1963) е најзначајниот современ исландски писател и европски автор за кој насекаде се зборува, познат по својата оригинална способност да ги комбинира поезијата и прозата и да создава дела што се длабоко лирични и емотивни. Во 2017 година, неговиот роман „Рибите немаат нозе“ бил номиниран за меѓународната награда „Букер“, а четири пати бил номиниран за Литературната награда на нордискиот совет. На македонски јазик се преведени три негови романи: „Помеѓу рајот и пеколот“, „Солзите на ангелите“ и „Срцето на човекот“ и за нив има добиено повеќе награди. Стефансон доаѓа во Скопје по редица настани во различни делови на светот, меѓу кои и големиот Интернационален фестивал на книгата во Будимпешта каде што деновиве е главен почесен гостин.