Активностите за време на летото за децата се многу повеќе од само забава, а особено за децата без родителска грижа. Затоа и годинава „СОС-детско село“ организираше повеќе активности и патувања во кои беа вклучени 60 деца и млади. Преку спорт, креативни активности и авантури на отворено, тие ги откриваат своите силни страни, создаваат нови пријателства и ги градат вештините што им се потребни за да напредуваат. Овие моменти на радост и достигнувања се особено влијателни, овозможувајќи не само лето со спомени туку и основа за посветла иднина. Се одржа Светско фудбалско првенство за деца без родители и родителска грижа, кое започна како национален настан во Полска во 2010 година и прерасна во меѓународен, допирајќи ги животите на преку 11.000 млади спортисти од 45 земји.
– Седум момчиња што беа дел од нашиот тим имаа можност преку натпреварите и заедничките тренинзи да ги развиваат тимската работа, дисциплината и издржливоста, но и да создадат нови пријателства, да почувствуваат глобално единство и да ја зајакнат својата самодоверба – велат од „СОС-детско село“.
Се одржа и летен камп што ги поврза срцата на децата без родителска грижа од целиот свет.

– Летниот одмор во Калдонацо, во кампот на „СОС-детско село“, не беше само обичен одмор туку вистински празник на пријателството и заедништвото за децата од целиот свет. Нашата група од 39 деца и осум едукатори уживаше седум дена во кампувањето, исполнето со многу дружење, забава, спортски активности и пливање. Oва беше уникатна можност за децата без родителска грижа од различно културно, јазично и религиско потекло да се дружат и обединат. Активностите на кампот беа прецизно планирани не само за забава туку и за зајакнување на децата. Тие учеа за одговорност, ја градеа својата самодоверба преку достигнувања и ги развиваа своите социјални вештини преку интеракција со врсниците – велат од установата.
И годинава десет деца поддржани од „СОС-детско село“ беа дел од традиционалната посета на Прага, организирана од невладината организација „Ластавица“, која по 11. пат беше наш домаќин. Ова патување, кое стана дел од традицијата, има цел да обезбеди културна размена за децата, како и да ги инспирира да ги следат своите соништа и амбиции. Годинава децата ги истражуваа знаменитостите на Прага, учествуваа во разни едукативни активности и ја доживеаја магијата на еден од најубавите градови во Европа. За многу од нив, ова беше првпат да патуваат во странство и да се запознаат со нови култури и традиции, што само по себе е непроценливо искуство.

Покрај патувањата, летото за децата поддржани од „СОС-детско село“ беше исполнето со креативни и едукативни активности. Во соработка со „Македонија 2025“, 17 деца на возраст од осум до тринаесет години со воодушевување го завршија првиот СТЕМ-летен камп – седумдневни активности за развивање СТЕМ-вештини (наука, технологија, инженерство, уметност и математика). Оваа револуционерна иницијатива означува значаен чекор напред во посветеноста за негување на потенцијалот на децата од ранливите категории. Сите организирани летни активности на децата поддржани од „СОС-детско село“ се со цел да се поттикнат децата во развивање на нивните социјални и когнитивни вештини, да се зголеми нивното чувство на припадност и да се инспирираат да продолжат да ги следат своите соништа.