Фото: ЕПА

Нејасно е дали Израел сега има намера или ќе се чувствува принудено да изврши копнена инвазија во Либан. Но се отвора прашањето дали може да отвори втор фронт

Ескалацијата на судирот помеѓу Израел и Хезболах со потенцијал да отвори нов фронт на Блискиот Исток

По речиси една година борби во Појасот Газа, Израел ги засилува непријателствата со милитантната група Хезболах во Либан, со тајни операции насочени кон комуникациски уреди и жестоки бомбардирања, што доведе до ескалација со размена на оган помеѓу двете спротивставени страни.
Од 8 октомври, ден по смртоносниот напад на Хамас врз Израел, има редовен прекуграничен оган меѓу Хезболах и израелската војска. Хезболах првично гаѓаше цели во Израел во знак на протест против војната во Газа, барајќи прекин на огнот таму, како услов за ставање крај на неговите напади врз Израел.
Нејасно е дали Израел сега има намера или ќе се чувствува принудено да изврши копнена инвазија во Либан. Но се отвора прашањето дали може да отвори втор фронт.

На израелските лидери им е потребна воена победа

Израелските лидери изразија задоволство поради напредокот на офанзивата против Хезболах, која започна со детонирање пејџери и други комуникациски уреди саботирани со експлозив, за да продолжи со интензивни и воздушни напади. Министерот за одбрана Јоав Галант не се воздржа од пофалби по воздушните напади изведени во понеделникот.
– Денес беше ремек-дело… Ова беше најлошата недела што Хезболах ја имал од неговото формирање, а резултатите зборуваат сами за себе – кажа Галант.
Израел верува дека жестоката офанзива ќе го принуди Хезболах да ги стивне активностите, односно дека лидерот на либанските милитанти Хасан Насрала и неговите сојузници и поддржувачи ќе одлучат дека цената на отпорот е превисока.
На израелските политичари и генерали им е потребна победа, бидејќи борбата против Хамас во Појасот Газа ја оптовари израелската војска, со тоа што војниците добиваат малку одмор, официјалните лица наведуваат дека има недостиг од кадар во армијата, а економијата се соочува со најголем пад во последните години, додека се јавува и зголемен притисок на јавноста за прекин на огнот и договор за ослободување заложници.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху верува дека сегашната офанзива прави голем напредок кон неговата декларирана цел да ја промени рамнотежата на силите во однос на Хезболах.
Тој сака да го спречи Хезболах да стрела ракети преку границата кон Израел. Во исто време израелската војска вели дека планот е да се принуди Хезболах да се одврати од границата и да се уништат воените објекти што претставуваат закана за Израел.

Хезболах е посилен непријател од Хамас

Доколку Израел влезе во целосна војна со Хезболах, експертите велат дека ќе се соочи со многу посилна закана од Хамас – и со пропорционално поголеми трошоци.
– Хезболах не е Хамас. Хезболах е држава во држава со многу пософистицирани воени капацитети – вели Џоел Гузански, висок истражувач во Институтот за национални безбедносни студии (ИНСС) во Тел Авив, кој служеше во Советот за национална безбедност на Израел под тројца премиери.
Во текот на изминатиот викенд групата почна еден од своите најдлабоки напади врз израелска територија, при што израелската војска известуваше за удари во Кирјат Биалик, Цур Шалом и Морешет во близината на пристанишниот град Хаифа, околу 40 километри јужно од границата.
Најблискиот регионален партнер на Иран, шиитската исламистичка група Хезболах, не само што покажа во изминатата година дека поседува пософистицирано оружје туку може да се пофали и со поседување стратегиски капацитети, преку сојузниците и партнерите низ Блискиот Исток – вклучувајќи ги и Ирак и Јемен.
Додека воените капацитети на Израел се подобрија од неговата последна војна во Либан во 2006 година, кога еврејската држава сè уште го немаше својот одбранбен систем „Железна купола“, истото тоа го направи и арсеналот на Хезболах.
Воените аналитичари проценуваат дека Хезболах има меѓу 30 и 50 илјади војници, додека неговиот лидер Хасан Насрала претходно годинава тврдеше дека групата има повеќе од 100 илјади борци и резервисти. Исто така се верува дека Хезболах поседува меѓу 120 и 200 илјади ракети и проектили.
Неговата најголема воена предност се балистичките ракети со долг дострел, од кои се проценува дека има илјадници, вклучувајќи 1.500 прецизни проектили со дострел од 250 до 300 километри.

Влезот во Либан би бил поголем воен предизвик отколку борбата во Газа

Офанзивата на Израел почива на претпоставка, односно на своевидното коцкање дека Хезболах во одреден момент ќе биде одвратен, ќе се повлече од границата и ќе престане да пука во Израел. Но повеќето независни експерти веруваат дека отпорот на Хезболах нема да престане, бидејќи борбата против Израел е главната причина поради која постои милитантната организација.
Тоа значи дека Израел ќе мора дополнително да ја засили војната. Ако Хезболах продолжи да го прави северен Израел премногу опасен за израелските цивили да се вратат дома, Израел ќе мора да одлучи дали да започне копнена офанзива, веројатно за да заземе копнена површина што ќе дејствува како тампон-зона.
Израелските команданти знаат дека влегувањето во Либан под оган ќе биде многу поголем воен предизвик отколку борбата против Хамас во Газа. Хезболах исто така прави планови од крајот на војната со Израел во 2006 година и ќе се бори на домашен терен, во јужен Либан, на нерамна ридеста површина што одговара на герилските тактики. Р.С.


Според експертите, израелските одбранбени сили можат да се борат со двата фронта долго време доколку обезбедат безрезервна поддршка од Вашингтон, односно од Пентагон

Способноста на Израел да војува на два фронта зависи од американската поддршка
За поголеми залаци е потребно поголемо забало

Голем дел од способноста на Израел да води војна на два фронта зависи од американската поддршка, смета Орна Мизрахи, експертка за Хезболах во Израелскиот институт за студии по национална безбедност (ИНСС).
– Израелските одбранбени сили можат да се борат со двата фронта долго време, а ние имаме способност да го направиме тоа ако ја имаме муницијата од Американците – рече Мизрахи, додавајќи дека ако има војна од целосни размери, САД најверојатно ќе интервенираат за да го поддржат Израел.
Израел исто така има огромна разузнавачка предност, особено забележана во минатонеделните смели напади врз комуникациите на Хезболах.
Но, израелската армија пренасочува некои од своите клучни дивизии од Појасот Газа кон северната граница со Либан, со што се смета дека израелските воени капацитети се растегнати.
– Кога се борите со повеќе од еден фронт, не можете да инвестирате премногу во секој од фронтовите. Значи дека ова ќе биде поинаков начин на борба – заклучува Мизрахи. Р.С.


Израелците со поделени мислења за можноста за војна со Хезболах

Израелците на домашен план покажаа голема поддршка за борба на почетокот на војната во Појасот Газа, додека анкетите покажуваат поделени мислења во врска со поддршката за конфликт со Хезболах.
Истражувањето објавено од Институтот за демократија на Израел во јули покажа дека 42 отсто од Израелците мислат дека нивната земја треба да постигне дипломатски договор со Хезболах, и покрај изгледите за дополнителен конфликт во иднина, додека 38 отсто сметаат дека Израел треба да оствари воена победа против групата, дури и по цена на значителна штета на цивилните области.
И покрај поделеноста во мислењата, сега има помала поддршка за војна со Хезболах во споредба со анкетите спроведени кон крајот на 2023 година. Р.С.