Стојкова (лево) и Манчевска (десно) на победничкиот пиедестал

КАРАТЕ – МЕДИТЕРАНСКО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ, ЈУНИОРИ И ЗА СЕНИОРИ

Првенството заврши вчера со настапите на преостанатите учесници во борби, поединечно и екипно, а Македонија имаше вкупно 11 каратисти

Данка Стојкова освои сребрен, а Јована Манчевска бронзен медал во изведба на кати на плажа за каратисти над 16 години, додека Михаела Мишовска во борби се закити со бронза во категоријата до 50 кг, по првите два натпреварувачки дена на 30-то Медитеранско првенство за кадети, јуниори и сениори во Олбија, Италија.

Првенството заврши вчера со настапите на преостанатите учесници во борби, а Македонија имаше вкупно 11 каратисти (девет во борби и две во кати), предводени од селекторите Александар Кузмановски и Петар Белистојаноски.

По првите два дена убедливо најуспешна селекција беше Италија со 36 медали, од кои 14 златни, седум сребрени и 15 бронзени, пред Шпанија со 17, од кои четири златни, една сребрена и 12 бронзени. На Медитеранското првенството беа пријавени 409 натпреварувачи од 18 држави.

Македонија на ова медитеранско првенство настапи во состав: Вахик Весели (категорија до 60 кг), Матеј Белистојаноски (до 67 кг), Давид Петков (до 67 кг), Мурсел Мисини (до 75 кг), Стефан Стојановиќ (над 84 кг), Михаела Мишовска (до 50 кг), Симона Заборска (до 55 кг), Тамара Ѓурчиноска (до 61 кг), Ангела Мојсовска (до 68 кг) во борби, Данка Стојкова и Јована Манчевска во кати. Г.И.