Ракометарите на Металург не успеаја да извојуваат победа на последниот натпревар во Лигата на шампиони (ЛШ) за сезонава и загубија од Татран Прешов со 24-30.
Овој пораз е своевиден реванш за првакот на Словачка за поразот во Скопје во СЕХА лигата.
Домашниот тим отвори со серија од 5-1 најавувајќи дека двата бода остануваат во Прешов. Металург добро го почна второто полувреме, па трипати стигнуваше до израмнување, но не успеа да направи и пресврт. Татран продолжи со одличната игра, па по 50. минута направи и серија од пет гола.
Најдобар стрелец кај Металург беше Миха Пучник со шест постигнати гола, додека кај Татран беше Бруно Буторац со шест погодоци.
По завршување со настапите во Лигата на шампионите, Металург ќе се посвети на СЕХА-лигата, а потоа и на домашниот шампионат.