Интервју со професор Константин Димитров од Машинскиот факултет во Скопје
Немаме друг ресурс освен јагленот, кој што би можел да обезбеди базно производство на електрична енергија. Сонце, ветер, вода можат делумно да придонесат во задоволувањето на потребите – кога има сонце, кога дува ветер, ако врне снег. Не е паметно да се напуштат јагленот и другите фосилни горива целосно, и тоа не треба да се дозволи барем во следните 15 години, вели професорот Константин Димитров, кој во разговор за „Нова Македонија“ ги објаснува големите разлики во цените на енергијата на Балканот, додека во исто време цените во Европа се пониски, наведувајќи и кои се неопходните зафати што нашата земја мора да ги направи за постабилно снабдување со енергија
Цената на електричната енергија, идејата да се напушти користењето фосилни горива и потребата од домашно производство на енергија беа темите на кои дискутиравме со професорот Константин Димитров од Машинскиот факултет во Скопје. Димитров објаснува и за големите разлики во цените на енергијата на Балканот, додека во исто време цените во Европа се пониски, но и кои се неопходните зафати што нашата земја мора да ги направи за постабилно снабдување со енергија.
Деновиве честа беше темата за напуштање на јагленот, но и за цените на струјата, за тоа дека во регионот има повисоки цени отколку во Европа.
– Во стручната јавност беше објаснет „феноменот“ за драматичната разлика на цената на електричната енергија меѓу југоисточниот и западниот дел на Европа. Разликата беше навистина драматична и, нормално, нѐ погоди и нас, Македонија. Исклучувањето на некои производствени постројки придонесе да се преоптоварат преносните системи и да се создаде таканареченото „задушување“. Преносните врски меѓу регионите не биле во состојба да ја преземат енергијата од Франција. Цената беше ниска, на ниво од 35-40 евра за мегават-час. Оваа состојба, како и испадот на преносниот систем Грција-Албанија-Црна Гора, уште еднаш јасно покажува дека мора да се размислува и решава глобално и да се градат „сообраќајниците“ за пренос на енергијата. Во оваа насока, во Македонија во фаза на градба треба да е високонапонскиот систем за поврзување со Албанија.
Кој е Вашиот став за тоа како до пониски цени на енергијата во земјава? Дали само домашното производство може да нѐ спаси од скапите увозни цени на струјата?
– Најпрво, уште еднаш да нагласам дека постои суштинска разлика меѓу домашно и сопствено производство на енергија. Да ја карикирам оваа разлика со споредба со патлиџани. Ако сопствено, дома, си произведете патлиџани, ќе ги користите кога сакате и кога ви се потребни. Ако немате сопствено производство, ќе отидете на пазар и ќе купите – или домашно произведени во Богданци или увезени од Турција, но со значително повисока цена, и ако ги има на пазарот, веќе ги продале.
Идентично е и со електричната енергија. Сопственото производство е од електроцентралите (термо, хидро, сонце, ветер), кои се сопственост на АД ЕСМ т.е. на државата т.е. на народот во Македонија. Ние сме нивни сопственици, ги командува Владата, а ги спроведува ЕСМ. Цената на оваа енергија зависи од способноста да се произведе доволно количество енергија за потребите на потрошувачите и трошоците за тоа производство.
Ако побарувачката за енергија е поголема во однос на производството, енергијата мора да се купи на пазар (берза). На овој пазар енергија продаваат и приватните производители на енергија како што се сончевите полиња, ветерните паркови, ТЕ-ТО Скопје. Ова е домашно производство, произведено во Македонија, но се продава со пазарни цени. Може да се купи и од странство, не мора од домашните производители, а таа цена е за неколку проценти повисока, поради трошоците за пренос; се наплатува патарина т.е. резервиран капацитет за пренос на определено количество енергија.
Како заклучок, сопственото производство може да придонесе да имаме на располагање енергија со пониска цена во однос на таа што мораме да ја купиме на пазар од домашно производство или од странство/увоз.
Дали е паметно да се напуштат јагленот и другите фосилни горива целосно и дали е тоа издржливо од енергетска гледна точка?
– Многу краток одговор – не е паметно и тоа не треба да се дозволи барем во следните 15 години, иако е предвидено со претходно подготвената стратегија за енергетика и климатски промени (2020 година – н.з.). Оваа стратегија ќе треба да се освежи, да се преработи во согласност со потребите и можностите на македонското стопанство.
Немаме друг ресурс освен јагленот што би можел да обезбеди базно производство на електрична енергија. Сонце, ветер, вода можат делумно да придонесат во задоволувањето на потребите – кога има сонце, кога дува ветер, ако врне снег.
За да се задоволат потребите на потрошувачите, според мене, треба да се обезбеди сопствено производство на јаглен за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Да се поврзе ТЕЦ Неготино со цевковод на природен гас и да се размислува за нејзино модернизирање со додавање две предвклучни гасни турбини. Да се почне изградбата на првата акумулациска хидроцентрала Скочивир од каскадниот систем на реката Црна, со сопствени сили, користејќи го стекнатото искуство (кадар, механизација) од изградбата на хидроцентралите Света Петка и Козјак. По завршување на врската со гасоводот ТАП, или во исто време, да се почне изградбата на когенеративни постројки во Битола и во Скопје.
Со реализација на овие енергетски проекти, потрошувачите ќе имаат на располагање сопствено произведена енергија, со пониска цена од цената на берзата.
Како да се поттикнат домаќинствата да вложуваат во системи за добивање енергија или топла вода?
– Одговорот е едноставен – со морков или со стап! Ако Владата издвои сопствени средства како стимулативни мерки (особено грантови) – морковот, граѓаните ќе потрошат дел од своите шест милијарди евра депонирани во банка.
Ако Владата не ги покрива загубите во АД ЕСМ т.е. му дозволи да работи според пазарни услови, цената на сопствено произведената енергија во термоцентралите со сопствен јаглен не може да биде пониска од 90 евра за мегават-час. Цената на енергијата е 140 евра за мегават-час произведена со увезениот јаглен од Грција и Албанија, покрај проблемите што ги предизвикува при согорувањето. Формирањето на цената што се пласира на пазарот ја вклучува и енергијата од хидроцентралите, која е значително, значително пониска: нема трошоци за гориво, мал број на персонал, ануитетите се отплатени. Во зависност од хидролошките услови, учеството е меѓу 20 и 30 отсто.
Значи, ако цената се покачи на ниво од 75 евра за мегават-час – стапот, граѓаните ќе извадат дел од своите средства од банка и ќе ги вложат во мерки за ЕЕ – енергетска ефикасност (помала потрошувачка на енергија за греење и ладење), но и за поставување сончеви колектори за производство на електрична енергија. Оптимално решение е средината т.е. да се применат двете мерки – разумно/издржливо покачување на цената на електричната енергија, доделени грантови за мерки за ЕЕ и колектори и ваучери за загрозените семејства.
Дали може да се очекува зголемување на цената на електричната енергија?
– Според аналитичарите на ниво на ЕУ цената на електричната енергија ќе расте. Во Македонија – принудени сме цената на електричната енергија да расте.
Секое покачување на цена на кој било производ, драматично се одразува на домашниот буџет. Но мора да ни биде јасно дека електричната енергија е стока со своја производствена цена. Дел од неа сѐ уште мораме скапо да купуваме на берза. За да се задржи сегашното ниво од 60 евра за мегават-час, Владата треба да му додели финансиска помош на ЕСМ за да ја купи таа енергија. Тие средства се собрани од народот (данок, Владата само распределува пари, не произведува) или од задолжување. На крајот пак народот ќе ја плати реалната цена на енергијата. Народски кажано: змија или магаре.
Оптимално е граѓаните што се во можност дел од своите депонирани средства да вложат во мерки за ЕЕ, да постават комбинација сончев колектор-батерија-топлинска пумпа, а тоа да биде субвенционирано со над 30 отсто грант од државата. Секој домаќин да спореди колкав му е домашниот трошок: за електрична енергија и телефони. Да размисли што му е попотребно: електричната енергија или телефоните. Јасно дека сѐ е потребно, но во случај на зорт, се избира тоа што е егзистенцијално. Барем јас така мислам, а не мора да сум во право! Демократски е секој да има свој став. Е.Р.