ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ВО БУДИМПЕШТА
Македонските шахисти минимално со 1,5-2,5 загубија од фаворизираната Полска и по осмото коло се на 31-то место, а шахистките со 2,5-1,5 ја совладаа Јужна Африка и се на 65-то место
Репрезентацијата на Македонија го доживеа вториот пораз на 45. Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта, откако минимално со 1,5-2,5 загуби од фаворизираната Полска (рангирана на 11-то место пред почетокот на ШО, со просечен рејтинг од 2.658 поени). Македонија, рангирана на 62-то место, (просечен рејтинг 2.421 поен) беше блиску до освојување екипен поен, а со тоа и прв нерешен резултат на ШО. ИМ Тони Лазов (има еден бал за велемајстор), кој е наш најдобар играч засега во Будимпешта (6,5 поени од седум можни, досега има плус 27,4 рејтинг-поени) прв забележа цел поен. ВМ Евгени Романов и ИМ Никола Николовски загубија, а ИМ Емил Ристески во возбудлива партија испушти можност во 38-от потег да игра на победа. Со 10 екипни бода (22,5 поени по табли) на три кола до крајот шахистите се на 31-то место меѓу 197 селекции. Вчера играа со Шведска (рангирана на 40-то место, 2.518).
Македонските шахистки (рангирани на 57-то место, 2.026) ја остварија третата победа во Будимпешта, откако со 2,5-1,5. ја надиграа Јужна Африка (рангирана на 87-то место, 1.878). Моника Стојковска во комбинаторен стил на крајот остана со коњ повеќе, а истото тоа го стори и Моника Жежовска, која по расплетот во завршницата имаше топ повеќе. Леа Ефтовска загуби, откако во средишницата превиде пион, а со тоа ја загуби и иницијативата. Македонките засега се на 65-то место, со девет бода (17,5 по табли), меѓу 181 селекција. Вчера играа со Нов Зеланд (рангиран на 74-то место, 1.940).
– Одлична партија на Моника Стојковска. Добро одигра и Моника Жежовска, која прва победи, а екипниот триумф го потврди со добра игра и Ивана Манова во заемно квалитетна партија, која заврши без победник. Се надевам на добра игра и на победа во следното коло против Нов Зеланд – ни изјави селекторот на женската репрезентација Љубиша Андоновски.
Според остварениот рејтинг-перформанс, Тони Лазов засега има одличен четврти резултат на втора табла (2.732 поени), додека Македонија, според досегашниот ефект, е на втората позиција на табелата во групата Б. Во т.н. Куп на Гаприндашвили, односно најдобра федерација (заедно отворениот и женскиот дел), Македонија е на 47-то место од 180 федерации.
Додека индискиот тим доминира на отворениот дел, победувајќи го во осмото коло Иран со импресивни 3,5-0,5, нивните сонародници во женска конкуренција доживеаја прв неуспех, загубија од Полска со 1,5-2,5. На отворениот дел води Индија со максимални 16 бода (27 поени по табли), пред Узбекистан и Унгарија со по 14. Кај шахистките, Полска и Казахстан ја стигнаа водечката Индија и сега сите три имаат по 14 бода и 23 поени по табли. Г.И.
ШО 2024, ОСМО КОЛО
Полска – Македонија 2,5-1,5
ВМ Јан-Кшиштоф Дуда (2.732) – ВМ Евгени Романов (2.567) 1-0
ВМ Каспер Пиорун (2.599) – ИМ Тони Лазов (2.360) 0-1
ВМ Матеуш Бартел (2.618) – ИМ Никола Николовски (2.388) 1-0
ВМ Шимон Гумуларж (2.571) – Емил Ристески (2.367) реми
Јужна Африка – Македонија 1,5-2,5
ЖИМ Ники Фебруари (2.013) – ЖФМ Моника Стојковска (2.043) 0-1
ЖФМ Хлои Баденхорст (1.981) – Ивана Манова (2.032) реми
Џулиан Класен (1.764) – Моника Жежовска (2.107) 0-1
Хејли Нел (1.753) – Леа Ефтовска (1.841) 1-0