Европски денови на културното наследство

По усвојувањето на Европската културна конвенција на 19 декември 1954 година од Советот на Европа, како документ што има цел да ја промовира културната соработка меѓу европските земји и да го зачува и да го заштити заедничкото културно наследство на европските народи, Деновите на европското наследство се широко прифатен настан што се одбележува со илјадници активности низ цела Европа. На темата „Македонското наследство на вмреженоста и поврзаноста“, оваа година во нашата земја ќе бидат организирани настани во 14 града и села, со учество на 20 музеи, невладини организации и други институции што се ангажирани на полето на културното наследство.

Во рамките на програмата на Музејот на Македонија, за Европските денови на културното наследство се предвидени активности во текот на целата наредна недела.

На 23 септември (понеделник), во 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Женската рачна работа на семејството Ѓошевски од Агино Село“, чија авторка е Наде Костадиновска-Спасеновска, по што ќе настапат ученици од средното музичко училиште. Во вторник ќе се одржи работилница за везење насловена „Волшебен конец“, како и ревија на документарни етнолошки филмови со наслов „Нашето минато и сегашност преку камерата“. Ќе бидат прикажани филмовите „Мариовска свадба“ на Вера Кличкова, и „Самовилска вода“ и „Возот за Мартолци“ на Владимир Боцев.

В среда се предвидени обука и едукација на темата „Заштита и спасување на вработените и културните добра во случај на пожар“, а в четврток промоција на сликовница „Скриеното богатство на мојата баба“ на авторката Наде Костадиновска-Спасеновска. В петок (27.9.) ќе биде отворена изложбата „Мијачијата – културна, уметничка и духовна реликвија“ на Горан Павловски. Викендот ќе има бесплатен влез за сите музеи и актуелни музејски поставки.

Европските денови на културното наследство беа отворени со конференција на која се обрати министерот за култура и туризам Зоран Љутков, истакнувајќи го значењето на конференцијата, која е еден од најшироко прифатните културни настани што ги обединува луѓето од целиот европски континент.
– Македонската култура е симбол на континуитет и еволуција, која го збогатува заедничкиот европски идентитет со својата автентичност, прикажувајќи го нашиот народ како чувар на своите традиции, но и како учесник во создавањето една нова, модерна и креативна Европа – рече министерот Љутков, говорејќи на темата на конференцијата, „Македонското наследство на вмреженоста и поврзаноста“.

Тој порача дека со зачувувањето на европското културно наследство, ние го чуваме и нашиот идентитет, учиме од минатото и ја цениме различноста што нè обединува.
– Македонското културно наследство е скапоцен дел од големиот мозаик на европските вредности, со вековна традиција што ги отсликува нашата историја, уметност и духовност. Нашите археолошки наоѓалишта, црковни споменици, традиционални обичаи и уметнички дела сведочат за длабоките културни врски со вековите и го претставуваат нашиот уникатен придонес во европската културна ризница – рече министерот.

На отворањето на конференцијата, учесниците и присутните гости во портата „Македонија“ ги поздравија и Викторија Трајков, заменик-министерка за европски прашања; Штефен Худолин, шеф за соработка во Делегацијата на Европската Унија; Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство.
На конференцијата, на повеќе панел-дискусии свои излагања ќе имаат дваесетина експерти од земјава и од странство.

Конференцијата е во организација на Управата за заштита на културното наследство. В.Д.