ОД МАНАСТИРОТ „ХИЛАНДАР“ НА СВЕТА ГОРА ДЕНЕСКА ДОАЃА СВЕТАТА И ЧУДОТВОРНА ИКОНА

Се очекува денеска, некаде пред 17 часот, отците да пристигнат со иконата во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Центар. Од 17.30 ќе се служи празнична вечерна богослужба. При крајот на службата со иконата ќе се одржи литија низ центарот на Скопје. Според записите, претходно, во 13 век, иконата била донесена во Скопје

Живко Здравкоски

Годинашната прослава на Рождеството на Пресветата Богородица е зголемена со голема, исклучителна и црковна радост. Имено, во Скопје доаѓа светата и чудотворна икона, една од најзначајните атонски икони, позната како „Пресвета Богородица Троерачица“, а која се наоѓа во манастирот „Хиландар“ на Света Гора, за чија заштитничка се смета таа.

Иконата доаѓа од Света Гора денеска, во предвечерието на големиот црковен празник Рождество на Пресвета Богородица. Таа ќе биде донесена од игуменот на манастирот „Хиландар“, архимандритот (старешината на манастирот) Методије, во придружба со уште неколкумина светогорски монаси и свештеномонаси од Скопската епархија. Се очекува отците да пристигнат со иконата во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Центар некаде пред 17 часот. Свечениот пречек на иконата ќе биде пред храмот во 17 часот. По пристигнувањето, во 17.30 часот ќе биде отслужена празнична вечерна богослужба. Кон крајот на вечерната богослужба ќе се спроведе литија со иконата. Литијата ќе започне од храмот, по што архијерејите и другите свештенослужители, заедно со верниот многуброен народ, кој се очекува, ќе се движат низ центарот на Скопје, за на крајот таа да заврши со враќање во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“.

Најпрвин му припаѓала на Свети Јован Дамаскин

Иконата најпрвин му припаѓала на еден од најголемите богослови на христијанскиот свет, Свети Јован Дамаскин, кој живеел во осмиот век. Нејзината специфика е во тоа што на неа Свети Јован ставил дополнителна „трета“ рака, на левиот агол од иконата, па оттаму и нејзиното оригинално име „Троерачица“. Тој го направил тоа затоа што му била отсечена десната рака, но откако ѝ се помолил на Пресветата Марија, таа му ја вратила отсечената рака на нејзиното место. И така, како благодарност за доживеаното чудо, тој направил сребрена рака и ѝ ја додал на иконата, во спомен на раката што Богородица му ја вратила.

Тогаш тој заминал да биде монах во еден од најдревните и најстари манастири во светот т.н. „Велика Лавра“, посветен на Свети Сава Освештен, кој се наоѓа во Јудејската Пустина. И „Троерачицата“ останала во „Лавра“ речиси пет столетија, сѐ додека во 13 век не му била дадена на Свети Сава Српски, и тоа затоа што врз него се исполнило едно пророштво и завештание на Свети Сава Освештен. Имено, славниот основач на „Лавра“ им ги имал оставено завет на своите монаси неговиот игуменски стап и неговата икона наречена „Млекохранителка“, за тие, како благослов, да му ја дадат на оној поклоник, монах, кој ќе го носи истото име (Сава) и кој многу години по неговата смрт ќе дојде да се поклони во „Лавра“, притоа ќе биде царски син, и при чие доаѓање ќе се придвижи игуменскиот стап. Пред својата смрт, пак, светиот Јован Дамаскин кон овој завет ја приложил и својата икона „Троерачица“. Долгоочекуваниот настан се случил во 1217 година, кога во „Лавра“ дошол царски син, монах, Свети Сава Српски. И кога пришол да се поклони на моштите на Свети Сава Освештен, игуменскиот стап на светецот се придвижил. Не сакајќи да избрзаат со одлуката, браќата ова знамение го припишале на случајност. Но утредента, при повторното поклонување, се случило истото! Така и игуменскиот стап и иконата му биле дадени на Свети Сава, кој ги донел нив во тогашна Србија. Оттогаш иконата „Троерачица“ се чувала во дворецот на српските владетели.

Во 13 век била донесена од Ерусалим во Скопје

Во еден текст на весникот и веб-страницата на „Нова Македонија“, објавен на 13 октомври 2018 година, од страна на авторот Данило Коцевски, познат хроничар на градот Скопје, чии сведоштва ги пренесуваше нашиот весник, го пишува и следното: „Инаку, чудотворната икона ’Св. Богородица Троерачица’ била донесена од Ерусалим во Скопје околу 1230 година и ѝ била дарувана на катедралната црква. Тоа е посебно интересен податок. На таа икона постои уште една, трета рака, додадена во долниот агол. Подоцна иконата била пренесена од Скопје во манастирот во Хиландар и во тој манастир можела да се види во долг временски период“.

А, еве што пишува на почетокот на гореспоменатиот текст на Данило Коцевски: „Постои една тајна сврзана со Скопје и со старата скопска чаршија, која сѐ уште не е разгатната. Tоа не е каква било тајна. Станува збор за сѐ уште неоткриената местоположба на најголемиот и најзначаен средновековен верски храм, катедралната црква ’Св. Богородица Троерачица’. Каде точно се наоѓала таа? Од духовен аспект, црквата била исклучително значајна, во неа биле крунисувани цареви, а големо било почитувањето на народот кон култот на Св. Богородица Троерачица. Средновековните сведоштва зборуваат дека таа била една од најубавите цркви во градот“.

Пренесена на Света Гора за да се заштити од турските освојувачи

Според наводите во делот од сајтот на Српската православна црква посветен на чудотворната икона „Пресвета Богородица Троерачица“, до крајот на 14 век иконата од непознати причини и на непознат начин преминува од дворот на цар Душан во сопственост на манастирот „Студеница“. Овој манастир, како и другите области на Србија, во почетокот на 15 век станал цел на нападите на турските освојувачи. Монасите, за да ја заштитат иконата, ја ставиле на едно магаре и му се помолиле на Бога тоа самото да ја однесе иконата на безбедно место. И так,а магарето од Студеница стигнало до Света Гора и застанало пред манастирот „Хиландар“. Хиландарските монаси со радост ја дочекале иконата и свечено ја внеле во манастирскиот соборен храм на Воведението Богородично и ја чувале во олтарот на храмот.

По извесно време, кога во „Хиландар“ настанал спор околу изборот на игумен, по молитвите на Богородица, светата икона една вечер на чудесен и необјаснив начин дошла на игуменскиот трон. Отците, мислејќи дека некој ја донел таму, ја вратиле во олтар, но тоа се повторило трипати, по што монасите се увериле дека така сакала самата икона.

Додека разговарале за она што се случило, во манастирот дошол некој пустиник, кој им бил познат на сите по своите доблести. Тој ги известил дека му се јавила Богородица и му рекла да им каже на монасите во тој манастир дека отсега таа самата станува игуменија на манастирот, дека тие треба меѓусебно да се помират, повеќе да не се обидуваат да изберат игумен и да не ја мрдаат иконата од нејзиното игуменско место. Монасите ја послушала волјата на Пресвета Богородица. Оттогаш до денес никој не ја помрднал од нејзиното место, таа постојано се наоѓа на игуменскиот трон – на местото игуменија – а секој надреден и духовен отец на братството зазема друго место, од страна, покрај иконата. Свештениците и, воопшто, сите монаси во манастирот се поклонуваат пред неа како игуменија на тој манастир пред да го почнат своето служење. Сите монаси што се наоѓаат под нејзиното игуменство ја прифаќаат како своја мајка, заштитничка и утешителка во различните тешки ситуации што ги носи монашкиот живот.

Утре, пак, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, со почеток во 9 часот, ќе биде отслужена архијерејска литургија со која ќе чиноначалствува архиепископот г. Стефан, во сослужение со митрополити и епископи на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, на проигуменот хиландарски Методиј и на голем број свештенослужители.