„ТАНЕЦ – 75 ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ КОД“!
Ансамблот „Танец“, нашиот најпознат амбасадор на македонското фолклорно богатство во светот, денеска ќе замине на балканска турнеја, со концерти во Подгорица, Љубљана, Загреб и во Бања Лука. Публиката во регионот секогаш знаела да ја цени извонредноста на „Танец“ и се радува на овие уникатни музичко-сценски спектакли, кои секогаш ги премостуваат културните разлики и сведочат за обединувачката моќ на раскошниот македонски музички фолклор.
На претстојните концерти во Подгорица (20.9.), Љубљана (22.9.), Загреб (24.9.) и во Бања Лука (27.9.), на големите сцени на КИЦ „Будо Томовиќ“, „Цанкарјев дом“, „Ватрослав Лисински“ и во салата „Борик“ ќе биде изведена раскошна музичко-сценска програма од различни периоди на ансамблот, во која ќе бидат одиграни изворните ора „тешкото“, „женско чамче“ и „копачка“, како и дел од богатиот кореографски опус на „Танец“ – спектакуларните кореографии „Жетварка“, „Мариовска тресеница“, „Малешевка“ и „Радовишки собор“. Секако, нема да изостане и богатата вокално-инструментална програма на оркестарот и хорот на „Танец“, заедно со првенката Сузана Спасовска, кои за публиката ќе исполнат повеќе антологиски песни од богатата ризница на македонскиот народ, како безвременските „Да сум бистра вода“, „Девојче, девојче“, „Седна баба да вечера“, „Лено, ле, Лено“, „Кирјана вино продава“, „Море сокол пие вода на Вардарот“ и многу други.
Турнејата е во рамките на јубилејната година на ансамблот, кога се прославува 75-годишнината од основањето и таа, како и другите концерти во сезоната, се одвива под мотото „Танец – 75 години македонски код“.
Ансамблот „Танец“ е основан во1949 година во Скопје и претставува еден од најважните столбови на македонската култура и традиција. Формиран е со цел да ги собира и да ги негува македонските традиционални песни и ора, народните инструменти и носии и преку соодветен уметнички израз да ги прикаже највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ. Благодарение на сите генерации што ја градеа и спроведуваа јасно дефинираната програмска активност на основачите, ансамблот се развиваше и низ годините прерасна во една од најугледните и најрепрезентативни институции од областа на културата во регионот и во светот. Во текот на овие 75 години, ансамблот има настапувано на најпрестижните сцени на целата Земјина топка, со повеќе од 5.000 незаборавни концерти. На неговиот репертоар се наоѓаат над 90 кореографии и неколку стотици вокални и инструментални дела, преку кои ансамблот презентира различни музички и кореографски традиции од сите краишта во кои егзистирал богатиот македонски фолклор. Ансамблот поседува и извонредна колекција од 3.000 автентични носии со исклучителна вредност и убавина, што секој негов настап го претвораат во посебно аудиовизуелно доживување.