Фото: Маја Јаневска-Илиева/Илустрација

Анализа на состојбата на железничкиот сообраќај

„Нова Македонија“ направи анализа колку патници и колку тони стока сме изгубиле во изминативе пет години. Бројките од базата Макстат на Државниот завод за статистика откриваат фрапантни загуби

Додека светот сѐ повеќе се насочува кон железничкиот превоз и бара начини за побрз транспорт на патници и стока со железница заради помало загадување, Македонија како да се откажува од железничкиот превоз. Од година на година бројот на патници што користат возови постојано се намалува. Но голем пад е забележан и во транспортот на стока по железничките пруги.

Фрапантни загуби во изминатите десет години

„Нова Македонија“ направи анализа колку патници и колку тони стока сме изгубиле во изминативе десет години. Бројките од базата Макстат на Државниот завод за статистика откриваат фрапантни загуби.

Само за десет години превозот на стока не само што е намален туку може слободно да се каже дека е десеткуван. Имено, во 2013 година низ македонските железнички пруги биле превезени над два милиона тони стока или, поточно, 2.282.837 тони. Една година претходно односно во 2012-та биле превезени 2.538.879 тони стока. Минатата година, според бројките, низ македонските пруги биле превезени само 817.000 тони стока.
Состојбите воопшто не се подобри ниту кога станува збор за превозот на патници. И тука бројките бележат значителен пад, што, секако, е резултат на незадоволството на патниците. Возовите ги има сѐ помалку, чести се дефектите, па честопати граѓаните остануваат заглавени по пругите, па се случува до посакуваната дестинација да патуваат дури и пет часа повеќе од предвиденото.

За илустрација, со возовите во 2012 година биле превезени над милион патници, а веќе во 2013 година нивниот број паднал на 842 илјади патници. Во 2015 година повторно имало поврат на патниците, па биле превезени над еден милион граѓани, но потоа почнува „колапсот“ на превозот на патници со железница. Минатата година возовите ги искористиле само 280 илјади патници.

Активностите за подобрување на состојбите не дадоа плод

Иако навидум се преземаат активности за подобрување на состојбите во железничкиот сектор, сепак, состојбите се далеку од посакуваните. Акцијата бесплатен превоз за пензионери не привлече толку патници како во автобусите низ главниот град, а дополнително, намалениот број на линии и честите доцнења уште повеќе ги одвратија луѓето од користење возови.
– Порано често патувавме со воз до Прилеп, поточно до Долнени, иако таму нема станица, се симнувавме во градот, па потоа со автобус до селото, редовно. По долги години, летово повторно патував кај сестра ми во Прилеп и секако до Долнени, но по сето тоа што го поминав со возовите, најверојатно никогаш повторно. Возови има само двапати во денот. Излегов рано наутро, но возот беше пребавен, па стигнав по пет часа, поради некакви реконструкции, застои, не знам што. На враќање беше уште полошо. Тоалетите во возовите се ужас, да ти е страв да влезеш. Возовите не се толку стари колку што се уништени, не знам дали тоа се должи само на неодржување или на народот и некултурата – вели повозрасен скопјанец. Е.Р.