Прикажано оружјето што зад себе наводно го оставил осомничениот атентатор на Флорида - Фото: ЕПА

Американските безбедносни служби ставени на тест

Безбедносните експерти велат дека острата поларизација и сè посилната политичка реторика со омраза, поттикната од странските противници и зголемена од социјалните мрежи, се испреплетени за да ја тестираат способноста на нацијата да ги заштити своите кандидати и институции

Токсичната политичка клима и сложената мрежа на закани, потенцирани со очигледниот обид за атентат врз претседателскиот кандидат Доналд Трамп во неделата, втор во нешто повеќе од два месеца, ставаат извонреден притисок врз претставниците на националната безбедност задолжени да ја заштитат американската демократија, пренесуваат светските медиуми.
Агенти на Тајната служба во неделата открија вооружен маж што се криел во близината на терен за голф на кој се наоѓал Трамп на Флорида, по што осомничениот за атентатот побегнал оставајќи зад себе автоматска пушка „АК-47“. Инцидентот што ФБИ го окарактеризира како обид за атентат следува по околу два месеца откако Трамп беше застрелан на предизборен митинг во американската сојузна држава Пенсилванија на 13 јули, при што доби полесна повреда на десното уво.

Безбедносните експерти велат дека острата поларизација и сè посилната политичка реторика со омраза, поттикната од странските противници и зголемена од социјалните мрежи, се испреплетени за да ја тестираат способноста на нацијата да ги заштити своите политички претставници и институции.
– Претседателските избори во 2024 година се одржуваат во време кога САД се соочуваат со најсложената, динамична и најопасна средина со закани што сум ја доживеал во повеќе од 40 години, во кои работев во спроведувањето на законот во домашната и националната безбедност. Се соочуваме со сајбер, физички и други закани од странски и домашни фактори, а она што е различно денес е тоа како тие целосно ја прифатија моќта на интернетот – рече Џон Коен, поранешен висок функционер за разузнавање и антитероризам за домашна безбедност.

Безбедносните служби бавно се приспособуваат на новите предизвици

Коен нагласи дека безбедносните служби и органите за спроведување на законот бавно се приспособуваат на промените и предизвиците со кои се соочуваат. По инцидентот во неделата, републиканците брзо побараа засилени безбедносни мерки за поранешниот претседател.

Се смета дека голем број фактори придонеле за создавање т.н. „совршена бура“, во која е опфатено американското општество. Тука спаѓаат ненадејната кандидатура на Камала Харис откако претседателот Џо Бајден се откажа од кандидатурата за реизбор, згуснатиот изборен календар што произлегува од доцното влегување на Харис во трката, кривичните пријави со кои Трамп се бореше една година, како и наводното странско мешање во американските избори, преку хакирања и дезинформации.

Иако секој неодамнешен изборен циклус има дел од овие предизвици, ретко имало момент кога сите тие се судриле одеднаш, барајќи од Тајната служба да се справи со застрашувачки спој на странски и домашни закани.

Сегашниот изборен циклус затоа се смета за „време без преседан, барем во модерната историја, во однос на барањата и ресурсите, како што истакна Џон Сандвег, поранешен вршител на должноста директор на Службата за имиграција и царина.
– Изборната сезона е секогаш предизвикувачка за Тајната служба, затоа што агентите мора да ги заштитат кандидатите што имаат изборни активности низ државата – така што додека го чуваат Трамп на неговиот терен за голф, тие исто така мора однапред да ги планираат неговите митинзи и вонредни посети во текот на кампањата, како и други појави што предизвикуваат уникатни безбедносни грижи. Неуспесите што дозволија Трамп да биде ранет на јулскиот митинг во Пенсилванија претставуваат постојан потсетник дека фалената агенција може едноставно да потфрли – пишува европското издание на магазинот „Политико“.

Се очекува Трамп да продолжи со сите настани од кампањата закажани за неделава, вклучувајќи и застанувања во Мичиген, Њујорк, Вашингтон и во Северна Каролина. Тој вчера требаше да добие брифинг од вршителот на должноста директор на Тајната служба во Палм Бич. Р.С.


Трамп: Реториката на демократите им дава мотив на атентаторите

Претседателскиот кандидат на Републиканската партија, Доналд Трамп, ги обвини претседателот Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис, претседателска кандидатка на Демократската партија, за очигледниот обид за атентат. Тој тврди дека осомничениот вооружен напаѓач дејствувал врз основа на „значително запаливата реторика“ на демократите, иако властите сè уште не понудиле докази за каков било мотив.
– Нивната реторика предизвикува пукање кон мене, каде што јас сум тој што ќе ја спаси земјата, а тие се оние што ја уништуваат земјата – и однатре и однадвор – изјави Трамп.

Демократите, вклучувајќи го и Бајден, постојано го нарекуваат Трамп опасност за демократијата, наведувајќи го меѓу другото неговото одбивање да го признае изборниот пораз во 2020 година, што се смета дека придонесе за нападот врз Капитол на 6 јануари 2021 година.

И Бајден и Харис го осудија инцидентот на Флорида, а Бајден разговараше и со Трамп во понеделникот. Треба да се истакне и дека Трамп често користи запалива реторика за неговите политички противници. Р.С.


Трамп доби највисоко ниво на лично обезбедување

Не е познат точниот број на агенти што се назначени за поранешниот американски претседател и актуелен претседателски кандидат Доналд Трамп, но според Роналд Кеслер, автор специјализиран за Тајната служба, околу 80 агенти на Тајната служба се грижат за неговата безбедност во секое време.

Околу 300 агенти се назначени за актуелниот претседател и потпретседател, во споредба со 90 до 100 што штитат поранешен претседател, смета Кеслер.

Тајната служба ја засили безбедноста пред првиот обид за атентат врз Трамп во јули и оттогаш дополнително го зголеми својот персонал.

Проширена е и употребата на беспилотни летала за проверка на областите во кои се наоѓа Трамп, а преземени се и мерки за подобрување на комуникацијата и зголемување на бројот на безбедносни агенти.

Вршителот на должноста шеф на Тајната служба, Роналд Роу, завчера рече дека на Трамп му се обезбедува „највисоко ниво“ на безбедност по вториот обид за атентат врз него.

Администрацијата на претседателот Бајден побара од Конгресот специјална дозвола за зголемување на финансирањето за Тајната служба, предупредувајќи дека без тоа, службата не би имала „доволно ресурси“ за да ги подобри своите операции. Барањето следува по очигледниот втор обид за атентат врз Трамп. Р.С.