Фото: ЕПА

Новиот претседател на ИОК ќе биде избран на седница во март следната година. Томас Бах, кој е на чело на ИОК од 2013 година, објави дека има намера да се повлече од функцијата по завршувањето на вториот претседателски мандат

Томас Бах на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз минатиот месец објави дека има намера да се повлече од функцијата по завршувањето на вториот претседателски мандат на чело на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), следната година. Тој на чело на ИОК е од 2013 година. На листата со седум кандидати за негов наследник се британскиот двократен олимписки шампион на 1.500 метри Себастијан Коу, Хуан Антонио Самаранч Јуниор од Шпанија, Давид Лапартиен од Франција, Кирсти Ковентри од Зимбабве, Моринари Ватанабе од Јапонија, Јохан Елијаш од Шведска и принцот Феисал ал Хусеин од Јордан, пишува „Би-би-си“. Новиот претседател на ИОК ќе биде избран на седница во античката Олимпија во март следната година, а ќе ја преземе функцијата во јуни. Кандидатите ќе направат презентации пред членството на ИОК на состанок во Лозана, во јануари. Сите претседатели на ИОК досега биле мажи, осум од девет биле од Европа, а еден од САД, пишува „Би-би-си“.

Во согласност со Олимписката повелба, претседателот на ИОК мора да биде член на ИОК за време на изборот и во текот на целото времетраење на мандатот како претседател на ИОК. Принцот Феисал ал Хусеин (63) од Јордан е поранешен борач и рели-возач, претседател на Олимпискиот комитет (ОК) на Јордан и ја основаше „Генерации за мир“, која промовира единство во области со голем конфликт, Себастијан Коу (67) од Велика Британија е познат тркач на средни патеки, а подоцна претседаваше со ОК на ЛОИ 2012 и ја предводеше Британската олимписка асоцијација, Кирсти Ковентри (41) од Зимбабве е најнаградуваната олимпијка во Африка, која се натпреваруваше на пет ЛОИ, таа е министерка за спорт во својата татковина, а беше претставничка на спортистите во ИОК и основаше своја пливачка академија, Јохан Елијаш (62) од Шведска е претседател на Интернационалната скијачка федерација, Давид Лапартиен (51) од Франција е претседател на управното тело на велосипедизмот (УЦИ), претседател на Францускиот олимписки комитет и претседател на групата за е-спорт на ИОК, Хуан Антонио Самаранч Јуниор (64) од Шпанија е еден од четворицата актуелни потпретседатели на ИОК, ја предводеше координативната комисија за ЗОИ 2022, неговиот татко беше на чело на ИОК 21 година, до 2001 година, Моринари Ватанабе (65) од Јапонија е претседател на Меѓународната гимнастичка федерација од 2017-та и беше во извршниот одбор на организацискиот комитет за ЛОИ 2020, пишува „Би-би-си“. Г.И.