Аљоша Симјановски
Интересот за историските вистини и вредности, односно испитувањето на корените на традициите што го обликуваат личниот и колективниот идентитет во едно општество секако е една од кардиналните нишки во процесот на цивилизацијата.
Дебатите, дискусиите, па и вицовите за потеклото, постоењето (или непостоењето) на Македонците и Македонија, со несмалена жестина се одвиваа и во нашиот медиумски обзор порано, но и сите овие триесетина и кусур години. Тие во некоја рака почнуваат да заличуваат на многубројните средновековни теолошки расправи за постоењето на Господ.
Повеќето од нив се во духот на прочуениот хегелијански алгоритам – негација на негацијата, во кој постоењето на Македонците се негира и на куб. Постојат многу докази за постоењето на Господ, тврдат одредени теолошки доктрини, но сето тоа предизвикува одредено сомнение – кај мудрите филозофи. Бидејќи ако за една работа постои еден доказ, сите други не ни се нужни, а ако има повеќе докази, тогаш сигурно не се несоборливи – постулираат категорично.
.За природата, карактерот и етногенезата на Македонците не може ништо конкретно да се каже, сето тоа е само одреден начин на гледање на работите, се обидува да ја сврти дискусијата во стилот на христијанскиот средновековен мислител, атинскиот митрополит Псевдо Дионизиј, извесен неосвестен македонски транзициски политичар-мислител. На тоа остро реагира и се спротивставува кралот на артефактите и бард на македонската преродба, познат археолог. Во духот на модерниот рационализам и доктрината на железните правила на Дејвид Хјум, смирено се залага само за онаа вистина што ја допираме, газиме, гледаме и чувствуваме и живееме.
За врската меѓу пингвините и Македонците долго беше во оптек (ненамерно или смислено) еден од култните стереотипи, вицови – шеги за Македонците, покрај стандардните за тивките, штедливите, трпеливите, чокакалии – Трајче Мирче Стојче, Страше, Трпе… Имено, така бил насловен еден од трите реферата на научниците од експедиција составена од Македонци, Руси и Американци на Антарктикот. По шестмесечен престој и проучување на животот и навиките на пингвините, Русите излегуваат со реферат – влијание на ниските температури врз формата на клунот, Американците, со научен труд – бојата на пердувите на пингвините и поларната светлина, а нашите со – пингвините и македонското национално прашање… и европските интеграции!
Еве и еден интересен допис од читател од Амстердам пред десетина години, насловен „Што сум чул за Одисеј“. Во Македонија и соседството владее една група на луѓе што креира лудило на сметка на македонскиот идентитет и историја по однапред разработени шеми. Работете во тајност инаку ќе бидете маргинализирани во животот и дејноста. Во дописот и коментарот стои „според анкетите и анализите во Македонија, мал број, еден отсто знаат кој е Одисеј? Еден експерт за Хомер од Холандија во една пригода ме праша дали е можно Одисеј да патувал на истите пространства следејќи го патот на јагулите што од Охридско Езеро патувале до Куба, Мексико, сѐ до Америка. Ми рече дека логиката во приказните на Одисеј потсетува на слични и приближни дестинации. Мојот одговор беше дека собраните приказни се токму од тоа поднебје и се пишувани со оригинален јазик на кој пишувал Хомер“, а за ваквите размислувања, ставови и вистина во Македонија ќе ве прогласат за недоветен, улав или глупав, или ако не сте, ќе ве сметаат за иден таков. Така е во Македонија, каде што 99 отсто од Македонците и другите не знаат за љубовниот пат на јагулите што патуваат од Охрид низ Атлантикот…
Нашиот интерес кон антиката ниту скорашното минато не може и ниту го релативизира, ниту негира, доминантно христијанскиот бит на нашето милениумско и современо постоење. Треба да бидеме неконформисти – и не треба да чекаме одобрение од „историската наука“ за да истражуваме и пишуваме за необични работи или да одиме чекор понатаму од она што ни е сугерирано дека е можно. Зашто, ако се поставиме така, и од науката ќе направиме еден вид религија. Човек ја создава религијата (бог), бог не го создава човекот. Ова општество ја создава религијата како форма на свест за светот. Религијата е општа теорија на овој свет, негов енциклопедиски компендиум, негова логика во популарен облик, негово духовно упориште, негов ентузијазам, негова морална санкција, тоа е пат на прогресот. Господ и религијата немаат врска едно со друго, бидејќи Господ и Македонците на овие простори постојат долго пред религијата и смешните атласи, комисии, договори, дипломатски подметнувања и малициозни коментари и ќе постојат засекогаш. Тешко може да се очекува од голем број мортификатори на вистината и негатори на македонскиот национален идентитет да ја повратат нормалната човечка памет и да сфатат дека Самуил, Мисирков, Сандански, Делчев и нивниот и нашиот македонизам се дел од природниот процес на развојот на македонската нација и дека нив нема да може да ги уништи никакво оцрнување од големобугарски или од други големошовинистички позиции.
Притоа, нека се чуе за да не се заборави дека зборот „Македонија“ подразбира, прво, просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик, идентитет и народ и, второ, македонскиот национален супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, во соседството и низ целиот свет. Многуслојни се основите, обидите и методите на негирање на македонскиот идентитет и историја, Православната црква, националните симболи… но трпеливоста, истрајноста и верата во правдината ги греат Македонците каде и да се.