Во пресрет на изложбата „На работ“ на Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ
Изложбата со наслов „На работ“ на авторите Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ ќе биде отворена на 10 септември, во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, во објектот „Чифте-амам“. Станува збор за трансмедијален и трансдисциплинарен проект што содржи повеќе просторни сегменти од целината, распределени во предизвикувачкиот амбиент на „Чифте-амам“.
– Посебните делови, кои го чинат целото, се изведувани во разновидни техники и медиуми, кои, на некој начин, се преплетуваат едни во други надминувајќи ги границите на чистите медиумски пристапи во создавање еден концептуален конгломерат од сензорни агломерации. Во нив се инкорпорираат разновидни искуства и сознанија од повеќе дисциплини, преплетувајќи ги уметничките проседеа со оние на политиката, социологијата, антропологијата, механиката, електрониката, звукот, подвижните слики, перформансот, импровизацијата итн.
„На работ“ е ангажирана контекстуална реакција на општествено-политичкиот галиматијас што секојдневно го живееме откако сме земја во транзиција. Тој се занимава и со дневнополитички прашања, но на прво место стојат социолошкиот аспект, меѓучовечките односи, генетскиот код на „малиот“ или „големиот“ човек, начините на живеење… – се наведува во најавата за изложбата.
Наневски и Јовановиќ, всушност, спроведуваат социјален конструктивизам, кој се користи во социологијата и според кој реалноста не е вродена, туку општествено конструирана преку јазикот, симболите и споделените значења. Оттука, преку својот проект „На работ“, тие ги конструираат, деконструираат или реконструираат општествените реалности. Тие ги преиспитуваат или критикуваат овие конструирани реалности, истакнувајќи ги начините на кои се обликуваат општествените норми и вредности.
– Сѐ започнува со едно видео, според кое е насловен и целиот проект, кое говори за апсурдноста на политичките ветувања за подобар живот, наспроти реалниот живот од нашето секојдневие. Оттука се размотува „клопчето“, па продолжува да се занимава со колективни или индивидуални приказни, со создавање ритуали од секојдневни банални активности, со какофонијата помеѓу шундот и авангардата, воопшто со граничните позиции, и сето тоа предадено низ многу призми и слоеви. Нивните дела може да се интерпретираат и низ аспект на теориите на Бодријар и на Фуко, односно преку концептот на „хиперреалност“ или концептот на „надзор“. Бодријар истражува како медиумите и симулациите ја заменуваат и ја искривуваат реалноста, особено во контекст на потрошувачката култура и современата уметност. Теоријата на Бодријар во проектот „На работ“ се гледа, главно, во критиката на медиумската сатурација, консумеризмот и замаглувањето на реалноста и претставувањето. Фукоовата теорија, пак, истражува како моќта функционира преку дискурси (системи на знаење) и како уметноста може и да ги рефлектира и да им одолее на овие структури на моќ. Неговите теории за надзор, дисциплина и биополитика се аспекти што го поврзуваат проектот „На работ“ со критика на системите за контрола и авторитет – се истакнува во текстот од најавата за изложбата.
Инсталацијата, видеото и вокалниот перформанс „На работ на релативноста“, подвижните слики со социјален експеримент „Антропосфера“, видеото „На работ“, инсталацијата „Последната голтка“, видеоперформансите и објекти „Рекет“ и „На работ на пријателството“ или, пак, комплексната инсталација со видеопроекција „Револушн вил би телевајзед“ и многуте други сегменти од целокупниот проект ги критикуваат или предизвикуваат општествените норми и структури на моќ, ги истражуваат социјалните идентитети и како тие се конструирани или перципирани, ги вклучуваат заедниците, ја применуваат идејата како форма на социјален коментар или активизам, размислуваат за секојдневниот живот и човечката состојба низ социолошкиoт објектив. Ваквите проекти, кои инкорпорираат социолошки перспективи, изградени со вештините, префинетиот уметнички сензибилитет и духовитост/досетливост во критичноста на авторскиот тандем Наневски – Јовановиќ, побудуваат размисла, предизвикуваат перцепции и поттикнуваат општествени промени. В.Д.