Покрај загриженоста искажана од Турција и Грција, „силните и остри“ интервенции на БСЕЦ-УРТА и Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ) јасно ставија до знаење дека треба да се преземат „сите можни мерки“ за решавање на проблемите во Бугарија
Бугарија обвинета за воведување нефер практики и двојни стандарди од областа на патниот транспорт, кои сериозно им наштетуваат на логистичките синџири
Транспортните оператори од Турција и Грција се обединија околу идејата за изнаоѓање алтернативен коридор за заобиколување на Бугарија поради тековниот транспортен хаос во земјата, соопшти Комората на бугарските патни транспортери (ЦБРХ).
Бугарското здружение соопшти дека за ова прашање било разговарано на 44. Генерално собрание на Унијата на асоцијации за патен транспорт во регионот за црноморска економска соработка (БСЕЦ-УРТА), кое се одржа во Ташкент, Узбекистан.
Покрај загриженоста искажана од Турција и Грција, „силните и остри“ интервенции на БСЕЦ-УРТА и Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ) јасно ставија до знаење дека треба да се преземат „сите можни мерки“ за решавање на проблемите во Бугарија, додаваат од ЦБРХ.
Двојните политики на Софија сериозно им наштетуваат на логистичките синџири во регионот на Црно Море
Софиската влада на граничните премини Капетан Андреево и Лесово со Турција, во јули повторно ги воведе процедурите за дезинфекција на возилата, кои ги плаќаат возачите. Преминот Капетан Андреево е втората најпрометна копнена граница во светот.
Наскоро се очекува турската страна да воведе слични мерки, што најверојатно ќе предизвика дополнителен метеж.
БСЕЦ-УТРА ги опиша мерките како „нефер“, додавајќи дека „одземаат многу време, скапи се и бескорисни“, како и дека „сериозно им наштетуваат на логистичките синџири во регионот на Црно Море“.
Бугарија е обвинета од сопствените транспортни компании дека применува двојни стандарди за таксите за паркирање и дезинфекција на нејзините граници.
Комората на бугарските патни транспортери (ЦБРХ): „Срамот е на сметка на бугарската држава!“
Бугарските медиуми во последниве месеци отворија прашања за паркингот кај „Дунавскиот мост 2“ на бугарско-романската граница, наводно во сопственост на организации со историски криминални врски, но бугарското Министерство за внатрешни работи досега не презело никакви мерки за негово решавање.
– Срамот што го чувствуваат бугарските организации присутни на настанот (во Ташкент) е на сметка на државата – нагласи ЦБРХ, додавајќи дека „обвинувањата“ против Бугарија од турските и грчките здруженија се „оправдани“.
Истиот ден, бугарскиот министер за внатрешни работи Атанас Илков се сретнал со турскиот амбасадор во Софија, Мехмет Саит Ујанак, при што двајцата, меѓу другото, разговарале и за реновирање на преминот Капетан Андреево.
Годинава, на преминот е забележан рекорден број патнички возила, при што меѓу пет и девет илјади возила дневно влегуваат во Турција и меѓу 3.500 и 5.500 влегуваат во Бугарија. Р.С.
Бугарската влада уште во 2022 година алармира дека „мафијата презела контрола врз граничниот премин Капетан Андреево“!?
Бугарската влада во 2022 година алармира за тоа како мафијата презела контрола врз граничниот премин Капетан Андреево, кој се смета за клучен за влез во ЕУ, подривајќи ги стандардите на внатрешниот пазар на европскиот блок, особено во поглед на безбедноста на храната. Со години граничниот премин Капетан Андреево помеѓу Бугарија и Турција е озлогласен како влезна точка за дрогата во ЕУ, како и за место каде што се врши изнуда на увозниците.
Бугарските политичари се обидуваа да го насочат вниманието на ЕУ кон проблемот при кој криминална група дозволила увоз на значителни количества храна во ЕУ без задолжителните контроли. Во тој период, министерот за финансии Асен Василев истакна дека штетите од корупцијата на граничниот премин Капетан Андреево се проценуваат на околу 2.500 евра по час или околу 22 милиони евра годишно.