Фото: нуркачки клуб „Амфора“

Општествено одговорен проект: Запознавање со основите на нуркањето за деца

Вкупно 95 деца се запознаа со основите на нуркањето и заминаа воодушевени по настанот за рекреативно нуркање што беше организиран завчера од охридскиот нуркачки центар „Амфора“, во базен во дворот на хотелот „Палас“ во Охрид. Децата на возраст од осум до дванаесет години добија шанса да нуркаат со професионалци во строго контролирани услови, при што беа опремени со модерна опрема приспособена на нивната возраст.
Беа направени и подводни фотографии и видеоснимки што ќе им бидат за спомен на најмладите, а учесниците на нивно големо задоволство добија и дипломи од нуркачкиот центар „Амфора“ за поминување на почетната обука.
– Настанот помина супер. Се одржа рекреативно нуркање за 95 деца. Децата беа воодушевени, а добија и диплома за нуркање. И нивните родители исто така беа задоволни. На настанот во рамките на Фестивалот на вода во Охрид беше организирана и изложба на подводна фотографија. Рекреативното нуркање се одржа по вторпат годинава, а се надеваме понатаму да го организираме и на езерото – вели Милутин Секулоски-Мичо од нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид.
Настанот беше поддржан од Општина Охрид, „Флуид проект“-Скопје, „Скубапро“ и од „Скуба скулс интернешнл“. Н.М.