Фото: Пиксабеј

Произведуваат 10.000 пати повеќе електрична енергија отколку
што трошиме на Земјата

Една нова студија, објавена во „Рисрч ноутс“ на Американското астрономско друштво, сугерира дека напредните цивилизации би можеле да ја искористат енергијата на Месечината од црните дупки, која орбитира околу нивната матична планета. Овој револуционерен концепт беше претставен во истражувачкиот труд „Осветлување на планетата од црната дупка на месечината како технолошки потпис“ на професорот Ави Лоеб од универзитетот „Харвард“. Неговата идеја се заснова на теоријата на нобеловецот Роџер Пенроуз за извлекување енергија од ротирачките црни дупки, создадена во 1971 година.

Масата во црната дупка завршува како Хокингова радијација

Концептот на Лоеб вклучува создавање мала црна дупка, со маса од 100.000 тони, која би орбитирала околу својата матична планета. Оваа црна дупка ќе емитува Хокингова радијација, именувана по физичарот Стивен Хокинг, кој во 1975 година ја предложи теоријата дека црните дупки емитуваат фотони, неутрина и некои поголеми честички. Сепак, без никаква интервенција, ваквата црна дупка би испарила поради емисија на радијација за околу година и пол.
Лоеб сугерира дека со додавање релативно мало количество материја (2,2 килограми) во секунда, црната дупка би можела да се одржи и да обезбеди бескрајно снабдување со енергија. Тој го опишува овој систем како „најефикасниот мотор“ за кој некогаш размислувал.
– Горивото се претвора во енергија со совршена стопроцентна ефикасност, бидејќи масата што паѓа во црната дупка завршува како Хокингова радијација – објасни Лоеб.

Високонапредна технолошка цивилизација

Предложената црна дупка може континуирано да произведува 40 квадрилиони вати електрична енергија, значително надминувајќи ги сите моментално постојни извори на енергија.
– Глобалната потрошувачка на енергија е неколку теравати, 10.000 пати помала од моќта на оваа црна дупка – рече Лоеб.
Таков мотор со црна дупка, според професорот, може да користи каков било облик на материја како гориво, вклучувајќи и отпадни материјали.
Лоеб вели дека „моторот на црната дупка може да биде откриен како карпеста планета осветлена од Месечината со гама-зраци“. Ова имплицира дека доколку се најдат докази за таков мотор, тоа би можело да укаже на постоење на високонапредна технолошка цивилизација.