Mногу играчи имаат поставено свои услови под кои би играле за македонската репрезентација, вели Кизов, додека, според Андоновски, сегашниот женски репрезентативен состав најдобро ќе одговори на предизвикот наречен Шаховска олимпијада

АТАНАС КИЗОВ, СЕЛЕКТОР НА МАШКАТА, И ЉУБИША АНДОНОВСКИ, СЕЛЕКТОР НА ЖЕНСКАТА ШАХОВСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Годинашнава Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта, Унгарија (10-23 септември), ќе биде најмасовна досега, со учество на рекордни 194 репрезентации во отворениот дел (244 ВМ, еден ЖВМ, 129 ИМ, 168 ФМ) и 181 селекција во женска конкуренција (17 ВМ, 56 ЖВМ, 54 ИМ, 105 ЖИМ, 12 ФМ, 116 ЖФМ). Први носители на отворениот турнир се САД (2.755 поени просечен рејтинг), пред Индија (2.753) и Кина (2.726). На женскиот турнир, пак, прв фаворит е Индија (2.467), пред Грузија (2.461) и Полска (2.418). Прворангиран кај шахистите е норвешкиот ВМ Магнус Карлсен (2.832), додека македонскиот шахист Евгени Романов (2.567) е на 135-то место од вкупно 980. Кај шахистките најголем рејтинг има ВМ од Грузија, Нана Џагнидѕе (2.506), а Македонката Моника Жежовска (2.069) е на 241-то место од вкупно 915 учеснички. Ќе се игра на четири табли (со една резерва), a екипните олимписки шампиони во двете конкуренции ќе бидат познати по 11 одиграни кола.
Во пресрет на ШО, за изборот на играчите, очекувањата, што ќе биде решавачко…, поразговаравме со селекторот на машката шаховска репрезентација, интернационалниот мајстор (ИМ) Атанас Кизов, и со селекторот на женската шаховска репрезентација, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Љубиша Андоновски.

Зошто се одлучивте за овие петмина шахисти, односно шахистки да ги бранат боите на Македонија на претстојната јубилејна 45. ШО во Будимпешта?
КИЗОВ: Од играчите што активно играат шах, по мое мислење тоа е логичен избор. Се разбира дека се раководев и од пласманот на турнирите што беа одиграни во изминатиов период. Шахистите за кои се одлучив речиси секогаш се пласирани во самиот врв на табелата, било да е турнир во забрзан шах или со нормално темпо на размислување. Така беше и на првенството на Македонија, кое се одигра неодамна.
АНДОНОВСКИ: Затоа што сметам дека тој е составот што најдобро ќе одговори на предизвикот наречен Шаховска олимпијада.

Во однос на минатата ШО во Ченаи (Индија), има две нови имиња кај мажите (ВМ Евгени Романов и ФМ Антон Златков, а ги нема ВМ Звонко Станојоски и ФМ Андреј Велјаноски), додека кај жените има едно ново име (Сања Трајковска, а ја нема Драгана Николовска). Вашите коментари?
КИЗОВ: Нема некое значење, дали е некој велемајстор или не. Долги години носител на репрезентацијата на Македонија беше Филип Панчевски, кој сѐ уште нема велемајсторска титула.
АНДОНОВСКИ: Одреден период има здрава конкуренција за националниот дрес. Мислам и очекувам дека овие шахистки се најподготвени за овој силен, долг и значаен спортски настан.

Дали некој од репрезентативците и репрезентативките што мислевте да ги повикате во двете конкуренции, од која било причина одбил да ги брани боите на Македонија во Будимпешта?
КИЗОВ: Последниве две години, горе-долу, сум во комуникација со сите со кои сум мислел дека требало да бидат повикани и кажано ми е од нивна страна под кои услови тие би играле за репрезентација. Се разбира дека и тоа влијаеше на изборот на репрезентативниот составот.
АНДОНОВСКИ: Сите со задоволство ја прифатија поканата.
Дали сметате дека шампионите на Македонија во машка и во женска конкуренција за тековната година треба да имаат секогаш загарантирано место во составот на репрезентацијата за таа година, без разлика на нивната моментална форма?
КИЗОВ: Мислам дека шампионот треба да биде повикан во репрезентација. Од тие причини мината година го поканив ВМ Звонко Станојоски да игра, но, како што веќе кажав, многу играчи имаат поставено свои услови под кои би играле за македонската репрезентација.
АНДОНОВСКИ: Не.

Од кого од нашите шахисти, односно шахистки, очекувате да одигра особено добро или да изненади пријатно на претстојната ШО?
КИЗОВ: Никогаш не се знае кој ќе изненади пријатно. Многу фактори влијаат. Се надевам дека сите репрезентативци ќе бидат во добра форма.
АНДОНОВСКИ: Од сите очекувам да одиграат добро. Јас верувам во нив.

Рангирани сме на 62-то место во машка, а на 63-то во женска конкуренција пред почетокот на ШО. Каков пласман очекувате, а со каков би биле задоволни по 11-то коло?
КИЗОВ: Прогнозата за пласман одамна нема никакво значење. На турнири како што е Олимпијадата сѐ се решава во последните две кола. Повеќе би ме радувало да играме добро и да направиме некој добар резултат со репрезентации што се многу подобри од нас.
АНДОНОВСКИ: Околу 50-то место би било тоа што би претставувало добар резултат.


За Евгени Романов

Сигурно дека ВМ Евгени Романов ќе биде од помош за македонската репрезентација. Не е лесно да се игра на прва табла. На овие млади македонски шахисти им треба искуство и многу силни партии за да го достигнат нивото што некогаш го имаа македонските велемајстори Никола Митков, Влатко Богдановски, Трајко Недев…, вели селекторот Кизов.


Состав и пласман на последната ШО

Машката репрезентација на Македонија на последната 44. ШО, одржана во 2022 година во индискиот град Ченаи (ВМ Звонко Станојоски, ИМ Емил Ристески, ИМ Тони Лазов, ИМ Никола Николовски и ФМ Андреј Велјаноски), а предводена од селекторот Трајко Недев (рангирана на 61-то место пред почетокот), заврши на 70-то место со 12 екипни бода (24,5 поени по табли) или пет победи, две ремија и четири порази.
Шахистките на Македонија (ЖФМ Моника Стојковска, Ивана Манова, Драгана Николовска, Леа Ефтовска и Моника Жежовска), со сегашниот селектор Андоновски, беа на 62-то место со 12 екипни бода (22 поени по табли) или шест победи и пет ремија. Пред стартот беа рангирани на 71-то место.

СОСТАВ – МАЖИ

ВМ Евге­ни Ро­ма­нов

ИМ То­ни Ла­зов

ИМ Емил Ри­сте­ски

ИМ Ни­ко­ла Ни­ко­лов­ски

ФМ Ан­тон Зла­тков

Се­ле­ктор: ИМ Ата­нас Ки­зов

СOСТАВ – ЖЕНИ

ЖФМ Мо­ни­ка Стој­ков­ска

Ива­на Ма­но­ва

Мо­ни­ка Же­жов­ска

Са­ња Трај­ков­ска

Леа Ефтов­ска

Се­ле­ктор: ФМ Љу­би­ша Ан­до­нов­ски