Вечерва, од 20.30 часот, во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, вокалистката Зарина Првасевда и нејзиниот ансамбл ќе одржат концерт. Зарина Првасевда е вокална изведувачка и музичарка што изведува македонска и светска традиционална музика. Таа е годинашен победник на интернационалната платформа за музички таленти „Ап бит“.
Во 2022 година го издаде својот прв албум насловен „Ехо“, на четири јазици, со кој го освои деветтото место на Балканската светска музичка листа како еден од најслушаните светски музички изведувачи во третиот квартал од 2022 година.
Во изминатата година одржа повеќе концерти и се појави на еминентни сцени во државата и надвор од неа. Ансамблот на Зарина Првасевда, пак, е составен од исклучителни музичари, со високи достигнувања и сериозен придонес кон музичкото творештво, музичко-сценската дејност и издаваштвото во Македонија. Во нејзиното портфолио има голем број соработки и вокални аранжмани со домашни и странски музичари, современ танц, како и филмски проекти.
Ка.М.