Најемотивниот гест што ги обележа ЛОИ во Париз беше од страна на спортската експедиција на Кина
Кинеската ѕвезда во бадмингтон Хуанг Јачионг освои златен медал и доби свршенички прстен на неодамнешните Летни олимписки игри во Париз. Триесетгодишната олимпијка беше запросена од своето момче и репрезентативен соиграч Лиу Јучен по церемонијата на доделувањето на медалите во Париз на 2 август. Арената „Ла Шапел“, каде што се одржаа натпреварите во бадминтон, беше исполнета кога Лиу клекна на колена за да ѝ предложи брак на Хуанг, која штотуку освои златен медал за Кина во бадминтон, со триумф во конкуренција на мешани двојки. Публиката беше воодушевена кога Лиу Јучен ја извади бурмата од џебот, а Хуанг емотивна кога виде дека Лиу клекнува на колена за да ѝ предложи брак. На големо задоволство на Лиу и на сите присутни во арената таа кажа „да“.
Хуанг Јачионг потоа изјави дека не го очекувала свршеничкиот прстен во Париз, додавајќи дека била целосно фокусирана на подготовките во пресрет на Игрите.
– Не можам да го опишам чувството што го имам, затоа што сум среќна. Освојувањето на златниот медал е признание за нашето патешествие. Бев изненадена од свршеничкиот прстен. Се фокусирав на тренинзите за да станам олимписка шампионка. Никогаш не го очекував тоа, не размислував како ќе славиме – рече Хуанг низ солзи радосници.
Нејзиниот иден сопруг не успеа да се закити со медал во Париз, но е освојувач на сребрен медал од Летните олимписки игри во Токио во 2021 година.