Фото: Пекселс

Ново истражување за пестицидите тврди дека миењето на овошјето пред јадење не е доволна заштита

Миењето на овошјето пред јадење не ги отстранува пестицидите, а единствениот начин да избегнете внесување хемикалии во вашето тело е да го излупите овошјето пред јадење, според новото истражување објавено во зборникот на трудови „Нано летерс“ на Американското хемиско здружение.
Користејќи специфична технологија за снимање за да видат како пестицидите влијаат на јаболката, научниците откриле пестициди во лушпата и слоевите на пулпата на јаболкото, потврдувајќи дека пестицидите продираат низ слојот на лушпата во слојот на пулпата.
Авторите на ова истражување истакнаа дека не сакаат никого да исплашат со ова откритие, туку целат да дадат насоки како да се избегнат пестицидите во исхраната. Тие тврдат дека лупењето на овошјето, како јаболката, може ефикасно да ги елиминира речиси сите остатоци од пестициди, за разлика од миењето, кое често се препорачува.
Според извештајот, традиционалното миење овошје не може целосно да ги отстрани пестицидите, но имајќи предвид дека слојот на пулпата отстранет за време на лупењето е многу поголем од 30 микрометри, што е потврдено со ултрадлабока микроскопија, авторите на студијата веруваат дека со лупењето на овошјето може да се избегне опасноста од пестициди.
Извештајот исто така укажува дека сѐ повеќе овошје и зеленчук се контаминирани со опасни т.н. вечни хемикалии. 


Што се вечни хемикалии?

Вечни хемикалии се перфлуорирани и полифлуорирани алкилирани супстанции, кои сочинуваат повеќе од 4.700 хемикалии, а познати се како вечни хемикалии бидејќи се исклучително распространети. Станува збор за група на вештачки хемикалии што се наоѓаат речиси во сите пестициди што се користат во Европската Унија, а кои се внесуваат преку овошје и зеленчук.
Тие потоа остануваат во човечкото тело засекогаш, а можат да предизвикаат разни здравствени проблеми, како што се оштетување на црниот дроб, болести на тироидната жлезда, дебелина, проблеми со плодноста и рак. Токму затоа ЕУ се обидува да ја ограничи нивната употреба.
Повеќето од овие хемикалии се наоѓаат во јагодите, праските и кајсиите. Според процените, количеството на овошје и зеленчук што содржи остатоци од овие хемикалии во изминатата деценија е зголемено за 220 отсто кај овошјето и за 274 отсто кај зеленчукот, при што најзначаен просечен пораст е забележан кај кајсиите (повеќе од 333 отсто, праските (повеќе од 362 проценти) и јагодите (повеќе од 534 проценти). Н.М.