Антиупатства за лична употреба
Езерото беше речиси тука, до него, осамено чучнат на брегот, оттргнат од турканиците и викотниците на плажите од едната и од другата страна. Сакаше да се спушти на ова речиси затскриено место, откако се качи на шумовитиот рид, притоа среќавајќи само ретки минувачи. Сите други, во капечки костими, со ќеси полни со крпи, помади за сончање, шишиња вода и понекој сендвич, беа заминати кон претоплите плажи и таму се прскаа, врескаа и се прескокнуваа во водата.
Но тука, тој беше заштитен дури и од тие звуци, можеби поради свежиот ветрец што го ладеше дирекно од длабочините на водата, можеби поради некоја блага златна светлина што сонливо го опколи местото и му шеташе низ градите.
Го заврте бројот на мобилниот, почека да заѕвони два-три пати, додека не го слушна нејзиниот глас: – Ало, добро утро… Како си?
Тогаш, ова летно претпладне, се почувствува помладо од својата возраст.
* * *
– Одиме во вода?
– Да, ќе одиме – рече Златко, иако не се помрдна од столчето под сенката и продолжи да зборува: – Така ти е тоа. Некои се занесуваат до крајот на животот, други прават пари – знаеше дека мисли на својот помлад брат Емил, ценетиот абдоминален хирург, кој заработуваше енормно во својата приватна клиника.
– Но што има лошо во тоа? И ти имаш интересен живот.
– А ха, имав – ова „имав“ го кажа очигледно потсмешливо: – Кога си обврзан да седиш во канцеларија од 9 наутро до 17 попладне, кога колешките и колегите се исти со години и зборуваат едно исто…
Пред нив, неколку капачи од различни генерации појдоа кон езерото. Еден повозрасен, ќелав, со шарени капечки гаќи со долги ногавици, неочекувано брзо влезе во езерото и заплива краул. Спротивно од него, неговата придружничка, девојка во црни танги што ѝ го истакнуваа вртењето на задникот лево-десно, бавно настапуваше и застана токму кога линијата на водата се запре под задникот, додека човекот од длабокото нервозно ѝ мавташе да заплива.
– Како Пикасо и неговиот модел – рече Златко и двајцата се насмевнаа.