Самостојна изложба на Доротеј Нешовски, со наслов „Ноќна шума“ ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во МКЦ. Куратор и автор на текстот е визуелниот уметник Дарко Алексовски.
– Мноштво шарени вертикали со различни висини образуваат јасни геометриски структури, но истовремено се и без форма. Некои изгледаат како бранови, некои како планини, некои образуваат форма на амфитеатар – сите заедно означуваат метеж, како фигури во толпа или дрва во шума. Сенките од овие форми изгледаат како непознати предели. Дали овие форми претставуваат вистински или замислени пејзажи? Помеѓу овие структури се наоѓаат и стаклени кутии полни со струганици од дрвени боици. Изгледаат како акумулации од неопределени остатоци од еден процес на физичко и метафоричко изострување. Врз кутиите се испишани нејасни, невозможни равенки – можеби како начин да се најде патот назад низ ноќната шума. Што всушност е шумата ако не збир од неизвесни појави и прикази? Понатаму, низ стаклените кутии се забележуваат комплексни форми што потсетуваат на фрагменти од кора од дрво. Овие форми висат низ просторот, поставени како истовремено да излегуваат од некоја замислена површина или да паѓаат од високо. Тука се и човечките силуети во различни положби на преобразба како фигури што привремено го населуваат овој простор – вели Дарко Алексовски во објаснувањето на делата од изложбата.
Својата најнова уметничка продукција, која Доротеј Нешовски ја насловува „Ноќна шума“, е продолжување на неговите истражувачки методи долгорочно посветени на трансформативниот потенцијал на неколку едноставни формални елементи и материјали со кои работи во различни формати: дрвени боици, вертикали, сенки, транспарентни слоеви што ја имаат главната улога и во оваа поставка.
– Во уметничката практика на Доротеј тие се искористени не во нивната очигледна функција, туку како приказ на комплексни формални и метафорички структури – носители на неизвесни значења. Дрвените боици формираат микросредини што личат на градови или урбани објекти и формации; струганиците што произлегуваат како вишок отпаден материјал од процесот на острење на дрвените боици во овој случај нè тераат да се прашаме што (може) да се прави со акумулациите на преостанати форми и материјали. Како преку ова натрупување на значења би можеле да го формулираме сложениот однос помеѓу природните средини и човечките заедници – вели Алексовски.
Доротеј Нешовски (1989, Скопје) е интердисциплинарен уметник, кој се занимава со концептите за креативна спонтаност, ликовнa артикулација, социјална инклузија, педагогија и апстрахирање на релацијата галерија-публика-уметник, чии интереси вклучуваат партиципативни активности, методологии на мапирањe и резонантност, вонинституционално дејствување, истражувачки практики и детска едукација. Од 2012 година тој е еден од основачите и член на уметничката група СЕЕ, со која има реализирано повеќе проекти. Нешовски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот за вајарство, со поднасока сценографија (2012).