Младите од Македонија и од преостанатите пет земји од Западен Балкан имаат нова можност за бесплатна едукација од областа на филмот. Мрежата „Еду катс“ (Edu Cuts), како дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs)“, поддржан од Британскиот совет, објавува повик за учество на млади филмски ентузијасти на програмата „Приштина кинокабаре“ (Prishtina Kino Kabaret), која го организира 16-то издание на „При фест – интернационален Приштина филм фест“. Фестивалот ќе се реализира од 10 до 15 септември во Приштина, Косово.
Овој настан нуди интензивно филмско искуство, каде што учесниците ќе се вклучат во креативни аудиовизуелни работилници и ќе соработуваат на кратки филмски проекти во ограничена временска рамка. Работилницата што ќе се реализира за време на фестивалот (од 10 до 15 септември 2024) ќе вклучува едукација, креативност и интеракции со експерти и врсници од земјите од Западен Балкан што имаат заеднички интерес за аудиовизуелната и филмската уметност, заедно со подготвеноста за тимска работа под надзор на ментори.
За да добијат поддршка од „Еду катс“, апликантите мора да се на возраст помеѓу 15 и 25 години, да знаат англиски јазик, да бидат државјани на една од земјите од Западен Балкан (Косово, Албанија, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора). Примените учесници ќе добијат потврда по имејл од фестивалот дека се прифатени да учествуваат.
Заинтересираните треба да го пополнат следниот формулар: https://forms.gle/swk1H9XiwGgDfANm7
Мрежата „Еду катс“ на едно место обединува филмски фестивали и организации што се фокусирани на промоција и имплементација на едукација и мобилност на млади таленти. Проектот „Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs)“, финансиран од Европската Унија, има цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за зголемено социоекономско влијание.