Фото: ЕЏУ

Задоволна сум од професионалниот пристап на целиот тим задолжен за организацијата на овој спортски настан, почнувајќи од пристигнувањето на аеродромот, па до салата за натпревари. Сметам дека уште и пред предвидениот рок сѐ беше подготвено за ова масовно спортско натпреварување, вели Родригез

ИНТЕРВЈУ: КАТАРИНА РОДРИГЕЗ, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ЕВРОПСКАТА ЏУДО-УНИЈА

Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) викендов беше домаќин на вториот по ред европски јуниорски џудо- куп „Скопје 2024“, кој се одржа во СЦ „Јане Сандански“. На ова масовно натпреварување учествуваа натпреварувачи од 26 земји, од кои 163 во машка и 106 во женска конкуренција или вкупно 269. На Европскиот јуниорски куп, меѓу другите, присуствуваше и потпретседателката на Европската џудо-унија (ЕЏУ), Катaрина Родригез од Португалија, со која направивме ексклузивно интервју на ден пред почетокот на натпреварувачкиот дел.
Колку сте задоволна од активностите на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ)?
– Среќна сум што Џудо-федерацијата на Македонија напредува, како и за активностите што ги презема во врска со овој Европски јуниорски џудо-куп, кој по вторпат се одржува во Скопје, по првиот успешен ваков настан одржан минатата година.
Дали сте биле порано во Македонија, колку Ви се допадна Скопје и колку сте задоволна од досегашната организација на ова масовно јуниорско натпреварување?
– Првпат сум во Скопје. Откако дојдов, немав многу време да го разгледам градот, туку од автомобил можев да го видам само центарот на градот. Се надевам дека следниот пат кога ќе дојдам ќе го разгледам Скопје повеќе. Задоволна сум од професионалниот пристап на целиот тим задолжен за организацијата на овој спортски настан, почнувајќи од пристигнувањето на аеродромот, па до салата за натпревари. Сметам дека уште и пред предвидениот рок сѐ беше подготвено за ова масовно спортско натпреварување. Самиот пречек беше добар, нешто ново за мене што не сум го доживеала досега.
Може ли во скоро време Македонија да биде домаќин и на европско или светско првенство за сениори?
– Ако Македонија се покаже како добар домаќин на овој Европски јуниорски куп на организациски план, како и на Европското првенство за кадети во 2015 година, може да се размислува и за сениорско натпреварување. Сепак, мора да се оди напред чекор по чекор. ЕП за кадети идната година е од големо значење и ако биде успешно организирано, ќе биде олеснет патот Македонија во иднина да биде домаќин и на ЕП за сениори, зошто да не!
Кои активности моментално ги презема Европската џудо-унија?
– Во моментов нашиот натпреварувачки календар е многу густ. Имаме настапи во сите осум групи, јуниори, потоа ЕП за натпреварувачи под 23 години, турнир за ветерани, технички подготовки за џудисти под 15 години… Работиме и на тоа да ги подобриме условите за младите џудисти во Европа, а не изостануваат ниту тренинг-камповите во сите категории, на кои присутните учесници уште повеќе ќе напредуваат.
Според Вас, што треба да се стори за џудото како спорт да стане уште помасовно и попопуларно?
– Џудото во Европа во последните десет години многу напредуваше, а ЕЏУ работи одлично. Џудото стана и еден од најгледаните спортови на олимписките игри, но и по бројот на земјите учеснички. ЕЏУ сака да ги следи чекорите на Светската џудо-федерација и со тоа уште повеќе да го промовира џудото. Тука исто така значајна е и едукативната страна на џудото како спорт. За популарноста на глобално ниво треба секоја национална џудо-федерација успешно да си ја заврши својата работа. ЛОИ, како и овој вид турнири, исто така се начин за негова поголема промоција. Да не заборавиме дека џудото е спорт за сите возрасти, а го практикуваат и постарите, што, пак, ретко се гледа во некој друг спорт.
Кога ќе Ве видиме повторно во Скопје?
– Секако дека планирам повторно да го посетам Скопје, но не само јас туку и моите колеги од менаџментот, маркетингот…, оти, како што реков претходно, идната година Македонија ја очекува ново значајно спортско натпреварување, а тоа е ЕП за кадети.