По 16-ти пат ЦК „Марко Цепенков“- Прилеп е домаќин на меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков -Дрен 2024“ на која од денеска до понеделник вечер ќе учествуваат и творат уметници од земјава и од Србија и Бугарија.
– И годинава уметниците работат на слободна тема. Очекуваме да се создадат нови уметнички дела што ќе бидат дел од богатата збирка на Центарот – вели Марјан Стојаноски од ликовната дејност на Центарот.
Колонијата „Дрен 2024“ се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам.
– Создадените дела на годинашната колонија ќе бидат презентирани на изложба во ноември, кога Центарот ќе одбележи 45 години од формирањето – вели Марија Попова Јованоска, в.д. директор на ЦК „Марко Цепенков“.
На колонијата творат Петја Ѓеоргиева од Бугарија, Небојша Станков, Среќко Здравковиќ, Јована Ѓуриќ, Немања Вучковиќ од Србија, Радица Лелова, Александар Таневски, Светлана Попова, Суарта Луфи, Ангел Коруновски, Валентина Стеваноска и Слободан Милошески од Македонија и прилепчаните Тони Чатлески Никола Димески, Марјан Стојаноски, Столе Дурланов.
Велат дека колониите се одлична можност за размена на искуства, дружење и дека Прилеп е инспиративен град за уметниците.
Ка.М.