Ефтимов и Рељиќ на ЛОИ во Париз

Борачот Владимир Егоров во осминафиналната борба убедливо беше поразен со 0-10 од Индиецот Аман Шерават, додека таеквондистката Милијана Рељиќ оствари голема победа со 2-1 во рунди во првата квалификациска борба против двојната олимписка шампионка Џејд Џонс од Велика Британија. Вчера попладне во четврт-финалето таа се бореше против Либанката Летиција Ајуд

ЛЕТНИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ПАРИЗ

Вчера на Летните олимписките игри (ЛОИ) во Париз, Франција, настапија уште двајца македонски претставници. Тоа беа искусниот борач во слободен стил Владимир Егоров и таеквондистката Милијана Рељиќ. Прв настапи Владимир Егоров во тежинската категорија до 57 кг, но уште во првото коло, односно во осминафиналната борба не го оствари посакуваниот резултат и убедливо беше поразен со 0-10 од индискиот претставник Аман Шерават. На Егоров му остана можноста да ги продолжи натпреварите на патот до бронзениот медал, единствено преку евентуален репасаж, односно само доколку Индиецот успее да стигне до финалето.
Егоров за првпат настапува на едни ЛОИ. Тој е носител на повеќе медали од големите натпреварувања и, секако, беше голем македонски адут за освојување медал. Тој е европски првак од Будимпешта 2022 година, а истата година освои и бронза на Медитеранските игри во алжирскиот град Оран. Првиот медал, и тоа бронзен, Егоров за Македонија го освои на ЕП во Букурешт во 2019 година. Во Париз го предводеше македонскиот селектор Бобан Данов.
Македонската таеквондистка Милијана Рељиќ, во тежинската категорија до 57 кг, оствари голема победа во своето деби на ЛОИ. Таа во првата квалификациска борба ја совлада со 2-1 во рунди двојната олимписка шампионка Џејд Џонс од Велика Британија (31). За квалитетите на Џонс доволно говори фактот дека за неа ова беше четврта олимпијада, а веќе има освоено два златни медала и неколку светски и европски медали, како и 10 први места на гранпри-турнирите.
Рељиќ влезе храбро во борбата во која агресивната Британка ги освои првите поени, но македонската претставничка сепак ја доби првата рунда со 7-6. Во втората рунда, искуството на Британка дојде до израз, па успеа да ја добие рудата со 5-4, со што го израмни резултатот на 1-1 во рунди. Решавачка се покажа третата рунда, која иако заврши нерешено 1-1, сепак, поради повеќето контакти на Македонката, Рељиќ излезе како победничка во оваа до самиот крај неизвесна борба. Со оваа осминафинална победа најдобрата македонска таеквондистка, предводена од нејзиниот тренер Александар Ефтимов, се пласираше во четврт-финалето, кое следуваше вчера попладне, а за противничка ја имаше Либанката Летиција Ајуд.

Милијана зад себе има вредни резултати. На последните седум турнири таа освои пет медали. Последниот златен, членката на клубот Тигри од Скопје го освои на Европското клупско првенство (ЕП), кое се одржа во Албанија, во јуни годинава.
Како што е познато, Македонија на овие ЛОИ учествува со шест спортисти. Прв настапи младиот пливач Никола Ѓуретановиќ (16), кој во квалификациите во трката на 400 метри слободно постигна време од четири минути, пет секунди и 38 стотинки, речиси три секунди послабо од неговиот личен рекорд. Стрелачката Анастасија Мојсовска имаше одличен резултат во својот дебитантски настап на ЛОИ, освојувајќи го 31-то место во дисциплината пукање со воздушна пушка од 10 метри, во конкуренција на 43 натпреварувачки. Во квалификациската рунда, Мојсовска по шесте серии имаше вкупен резултат од 625,3 погодени круга. Нејзиниот најдобар резултат останува 628,8 круга. Џудистот Еди Шерифовски загуби во првото коло на турнирот на ЛОИ во Париз (категоријата до 81 кг) од Бразилецот Гијреме Шимит, кој е актуелен првак на Панамериканските игри од 2023 година и трикратен првак на Панамериканското првенство (2021, 2022 и 2024).
Последен спортист од македонската олимписка експедиција што ќе настапи е атлетичарот Дарио Ивановски. Тој на 10 август ќе учествува на маратонската трка. Г.И.