Македонските џудисти и џудистки што се повикани да се борат на ова квалитетно натпреварување се државни шампиони или вицешампиони на Македонија и се најподготвените со кои ние располагаме, вели селекторот Фузевски
АЛЕКСАНДАР ФУЗЕВСКИ, СЕЛЕКТОР НА ЈУНИОРСКАTA ЏУДО-РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА
На годинашниов Европски јуниорски џудо-куп, кој ќе се одржи во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, од петок до недела (влезот е слободен), пријавени се 26 земји со вкупно 269 учесници, од кои 163 во машка и 106 во женска конкуренција. Предводена од селекторот Александар Фузевски, кој на оваа функцијата е веќе втора година, ќе настапи и репрезентацијата на Македонија со вкупно 19 члена, од кои 10 во машка и девет во женска конкуренција. По натпреварувачкиот дел, од 12 до 14 август ќе следува и јуниорски тренинг-камп во џудо. За очекувањата од настапот на македонските избраници, ривалите, конкуренцијата, фаворитите поразговаравме со македонскиот селектор и тренер на ЏК Преспа, Фузевски.
Колку се подготвени македонските репрезентативци во обете конкуренции за ова значајно џудо-натпреварување, кое ги очекува викендов?
– Македонските џудисти и џудистки што се повикани да се борат на ова квалитетно натпреварување се државни шампиони или вицешампиони на Македонија и се најподготвените со кои ние располагаме.
Вашите очекувања од македонските џудисти и џудистки, какви се шансите за медал, односно кои имаат најголеми изгледи да стигнат до некој од медалите и што ќе биде пресудно за таков успех. Очекувате ли да имаме поголем успех отколку минатата година на вакво исто натпреварување?
– Со добра ждрепка можеме да стигнеме до борба за медал во некои тежински категории, како на пример до 57 кг, каде што се натпреварува Лилјана Недановска, која моментално е најискусна во оваа категорија и која има повеќе настапи од ваков ранг. Во категоријата до 63 кг ќе настапи Ива Богдановска, која сѐ уште е кадетка, но е балканска вицешампионка за годинава. И во категоријата над 78 кг, каде што конкуренцијата е помалобројна, ќе се борат џудистките Борјана Поп Атанасова и Катерина Ацевска, па е можно и со една победа да се дојде до меч за медал. Со другите џудисти може да го поминеме првото и второто коло, но за понатаму ќе биде многу тешко. Искрено се надевам дека ќе бидеме поуспешни од лани, иако годинава Европскиот јуниорски куп е посилен со учество на поквалитетни џудисти и џудистки.
Во Скопје се пријавени учесници од 26 земји. Кои земји се фаворити за највисок пласман?
– Конкуренцијата несомнено е многу квалитетна, а што се однесува до фаворитите, јас би ги издвоил Грузија, Турција, Србија и Хрватска.
Освен во Ресен, во јули годинава, дали репрезентативците на Македонија имаа и други заеднички подготовки пред почетокот на ова натпреварување?
– Освен во Ресен, репрезентативците претходно имаа и викенд-тренинг што се одржа во Битола, но сепак, претежно тие се подготвуваа во своите матични клубови, како и со присуството на индивидуалните кампови одржани надвор од Македонија.
Очекувате ли поддршка од домашната публика во СЦ „Јане Сандански“ и колку таа ќе им значи на македонските репрезентативци во борбите што ги очекуваат?
– Публиката се разбира дека секогаш е добредојдена и би им значела многу на нашите џудисти, особено кога се сака да се стигне до позитивен исход, а квалитетот на противниците е изедначен.
Според вас, што треба да се стори за македонското џудо во оваа возрасна категорија уште повеќе и побрзо да напредува?
– Како и во секоја работа, потребно е повеќе да се вложува и да се тренира, а тоа, пак, ќе доведе и резултатите да бидат уште подобри. Г.И.