Фото: Пиксабеј

Премногу жешко за качување во авион

Прегреаните авионски кабини наскоро би можеле да станат проблем. Во моментов не постои регулаторен стандард за температурата во кабината за време на влегувањето во авион, но Здружението на стјуардеси (АФА) бара воведување ваков систем во САД уште од 2018 година. Во јули во 2023 година во Лас Вегас, за време на најжешкото лето во историјата според НАСА, одговорните лица за итни случаи мораа да интервенираат кај најмалку еден патник поради високата температура во кабините како последица на стоење на авионот на пистата, а летовите на крајот биле откажани.
АФА побара од американскиот секретар за транспорт да постави федерална граница за температурата во кабината за време на влегувањето во авион на 26,7 степени. Тие, исто така, лансираа апликација на која патниците и екипажот можат да пријават кога кабината е непријатно топла. За пет години оттогаш, биле добиени повеќе од 4.000 пријави за екстремна температура.
Причината поради која кабините може да се вжештат додека авионот е на земја е тоа што моторите не можат да ги напојуваат системите за климатизација додека авионот не полета. Сè уште е можно тоа да се направи со помошна единица за напојување – помал мотор во опашката на авионот чија цел е да ги напојува електричните системи додека се на земја, но притоа се троши дополнително гориво, поради што повеќето авиокомпании го избегнуваат.
Кабината на авионот е дизајнирана на таков начин што честопати се загрева многу брзо, а колку е помал авионот, толку побрзо се загрева.
Понекогаш стјуардесите бараат од патниците да ги затворат лизгачките прозорци пред да излезат од авионот и тоа веројатно е најдобриот начин да се намали загревањето на кабината. Исто така треба да се намали времето на стоење на авионот на земја пред полетување со вклучени мотори за системот за климатизација да работи поефикасно.
Имплементацијата на меѓународните регулативи и стандарди за температурата во кабината мора да земе предвид повеќе прашања. Авиокомпаниите мора да ја балансираат ефикасноста на горивото, емисиите на стакленички гасови и технолошките ограничувања на сегашните системи за ладење на авионите. Понатаму, поставувањето единствен температурен стандард може да биде комплицирано поради различните климатски услови на различните аеродроми и различните типови авиони.