Книгата е преведена на повеќе од 180 јазици во над 134 милиони примероци. Авторот му го посветил романот на својот најдобар пријател, Леон Верт, од времето кога бил дете, „зашто сите возрасни прво биле деца“
Осум децении од мистериозното загинување на Антоан де Сент-Егзипери, авторот на „Малиот принц“
Антоан де Сент-Егзипери, француски писател, вљубеник во воздухопловството, пилот, авантурист, автор на легендарната книга, модерната бајка „Малиот принц“, настрада пред точно 80 години, на 31 јули 1944-та.
Светската слава ја стекна постхумно, со книга мала по обем, но огромна по своите универзални пораки, кои допираат и до децата и до возрасните. Тоа е поетска апстракција што во вид на дијалог всушност говори за голем број клучни прашања на човековата егзистенција. Всушност, „Малиот принц“ е приказна за љубовта, убавината, добрината… Таа говори и за верноста, вербата, јунаштвото и другарството, кои му се потребни на човекот за да живее. По читањето на оваа сказна, во читателот одѕвонува гласот на малиот принц, кој постојано нешто потпрашува, упорно го повторува своето прашање и никогаш не се откажува од еднаш поставеното прашање, барајќи одговор.
Дејствието е многу едноставно. Малиот принц живее на една планета, Астероид Б612, каде што има три вулкани од кои два се активни, една роза и огромни дрвја баобаби. Еден ден малиот принц решава да го посети преостанатиот дел од универзумот и посетува шест астероиди. На крајот ја посетил земјата, којашто има 111 крала, 7.000 географи, 900 илјади бизнисмени, седум и половина милион пијаници, 311 милиони вообразени, односно два трилиони возрасни личности. На земјата малиот Принц ја среќава и лисицата, која му ја открива нејзината тајна, која е многу едноставна само што луѓето ја заборавиле таа вистина, дека „Само со срцето добро се гледа. Најважното е невидливо за очите“.
Краток живот исполнет со летање и пишување
Сент-Егзипери е роден во Лион во 1900 година, во благородничко католичко семејство, чија лоза била стара неколку века. Неговиот краток живот од 43 години ќе биде исполнет со летање и пишување.
Тој бил третото од петте деца на грофицата Мари де Фонкломб и грофот Жан де Сент-Егзипери. Татко му, извршител во осигурителна компанија, умрел од мозочен удар на возраст од 41 година. Смртта влијаела врз целото семејство, преобразувајќи го во семејство на „осиромашени благородници“.
Уште во детството, Сент-Егзипери се интересирал за техниката, иако во училиштето не се одликувал со голем успех. Истовремено, тој почнал да пишува стихови, а мајка му била неговата прва читателка и критичарка. Воопшто, таа извршила големо влијание во неговиот живот: таа му ја всадила љубовта кон книгата, народните приказни, музиката и сликарството. По матурирањето во 1917 година, тој двапати по ред паднал на приемниот испит на морнаричката академија (според некои, намерно), по што се запишал на школата за убави уметности, како слободен слушател, каде што студирал архитектура во текот на 15 месеци, но не дипломирал, поради што почнал да прифаќа секакви работни места. Во 1921 година, Сент-Егзипери започнал со воена служба како војник од најнизок ранг во француската коњаница и набргу бил пратен во мало гратче близу Стразбур. Во тој период почнал да зема приватни часови по летање, а следната година му било понудено да биде префрлен од француската војска во француските воздушни сили. Добил дозвола за летање откако бил на воена мисија во Казабланка, Мароко. По некое време бил префрлен близу Париз, каде што го доживеал првиот од многуте падови со авион. Сент-Егзипери ги послушал советите на семејството и неговата свршеница, идната писателка Луиз де Вилморан, и ги напуштил воените воздушни сили за канцелариска работа. По кратко време, Луиз и Сент-Егзипери раскинале, а тој сменил неколку работни места, кои не му донеле значителен успех, ниту големо задоволство.
Веќе во 1926 година, Сент-Егзипери повторно му се вратил на летањето. Набргу станал еден од пионерите на меѓународната воздушна пошта, во време кога воздухопловството не било доволно развиено. Според него, оние што летале со понапредни летала биле повеќе сметководители отколку пилоти. Работел за француската пошта, летајќи на релацијата Тулуз – Дакар, а станал и раководител на авионската линија за областа во Јужно Мароко, во пустината Сахара. Негова должност била да преговара за ослободување на заробените летачи што биле заложници на вооружените Маври, опасна должност за која бил награден со национален орден на честа од француската влада. Во 1929 година, Сент-Егзипери бил префрлен во Аргентина, каде што бил назначен за раководител на аргентинската поштенска авионска линија. Тој отворил нови линии во Аргентина, работел на преговорите, а одвреме-навреме лично пренесувал пошта и преземал спасувачки мисии на урнатите воздухопловци. Овој период од неговиот живот е тема на филмот „Крилја на храброста“, на францускиот режисер Жан-Жак Ано.
Бегство во височините
По турбуленциите во приватниот живот, во 1943 година, Егзипери им се приклучува на сојузничките сили во Тунис. Иако имало резерва околу неговото примање во военото воздухопловство, бидејќи го сметале за премногу стар, благодарение на личните врски успеал да ја оствари својата намера. Од ослободениот Алжир заминува за Сардинија, а од 17 јули 1944-та неговата единица е сместена на Корзика. Во тој период се подготвувало сојузничкото истоварување на југот на Франција.
За време на извидничкиот лет над Прованса, на 31 јули, Егзипери исчезнал со својот авион. Задачата му била да го сними движењето на германските трупи во долината на Рона.
Авионот со кој летал, „локхед П-38“, бил пронајден во септември 2000 година кај Марсеј. Две години претходно еден рибар во оваа зона, во својата мрежа, извлекол сребрена белегзија со неговото име. Тоа ги решило сите дилеми околу неговата судбина, иако околностите под кои загинал сѐ уште не се разјаснети.
Кариера како писател
Првиот роман на Сент-Егзипери, „Воздухопловец“, бил објавен во речиси непознато книжевно списание во 1926 година. Во 1929 година, тој ја објавил книгата „Јужна пошта“ и почнал да работи како воздухопловец и новинар. Со романот од 1931 година, „Ноќен лет“, Егзипери станал нова ѕвезда на книжевната сцена. За ова дело, тој ја освоил наградата „Фемина“. Романот е инспириран од неговите искуства како поштенски пилот и како директор на „Аеропоста Аргентина“ – авионска поштенска куќа во Буенос Аирес. Тој има напишано и други книги, меѓу кои: „Јужна пошта“ (1929), „Ноќен лет“ (1931), „Земја на мажи“ (1939), „Воен пилот“ (1942), „Писмо до еден заложник“ (1944), „Белешки од војната“ (собрани во 1982) и „Цитадела“ (посмртно, 1948). Сите овие романи раскажуваат приказни за некакви патувања во фиктивна, некогаш фантастична форма. Покрај делата наведени подолу, низ годините се објавени и најразлични писма, белешки и дописи на писателот.
Сепак, иако постхумно Егзипери остави најдлабока трага со „Малиот принц“, создадена во 1943 година, по „Библијата“, најпродавана книга на светот со продадени над 134 милиони примероци.
Книгата била напишана за време на престојот на Сент-Егзипери во Њујорк, на Лонг Ајленд. Како одраз на тоа, во една верзија на книгата се споменувале центарот „Рокфелер“ и Лонг Ајленд, но подоцна, тие биле избришани од крајната верзија. Сент-Егзипери поминал две години во Њујорк, а еден ден, кога се подготвувал да го напушти градот и да им се приклучи на воените сили како пилот, тој се појавил на вратата на својата пријателка Силвија Хамилтон, облечен во воена униформа, и рекол: „Би сакал да ви дадам нешто прекрасно, но ова е сè што имам“. Потоа, тој фрлил истуткано хартиено ќесе врз масичката во ходникот, а внатре биле ракописот и цртежите за „Малиот принц“. Подоцна, во 1968 година, Силвија Хамилтон ѝ го предала оригиналниот ракопис, заедно со цртежите, на њујоршката книжарница „Морган“.
Книгата е преведена на повеќе од 180 јазици. Авторот му го посветил романот на својот најдобар пријател, Леон Верт, од времето кога бил дете, „зашто сите возрасни прво биле деца“.
Малиот принц во популарната култура
„Малиот принц“, доживеа голем број изданија, адаптации, театарски, телевизиски и филмски, а доби и своја аниме-серија.
Во Франција, ликот на малиот принц е многу популарен, не само во секојдневниот живот на обичните луѓе туку и пошироко. Банкнотите од педесет француски франци на обете страни го имале ликот на малиот принц.
Според оваа книга се снимени мјузикл, две опери и анимирана серија. Покрај тоа, еден астероид го носи името Малиот Принц. По повод 70-годишнината од објавувањето на книгата, на 24 јануари 2014 година, во њујоршката книжарница-музеј „Морган“ била отворена изложба на која биле прикажани 35 акварели и 25 страници од оригиналниот текст на книгата, лични писма на Сент-Егзипери, фотографии и артефакти, како и ретки печатени изданија од колекцијата на „Морган“. М.Т.