Во текот на денов имавме вкупно 19 пожари, од кои 10 се целосно изгаснати, еден е ставен под контрола, a во моментов имаме уште осум активни пожари, информираше вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.
Како што посочи, најтешка е ситуацијата во селото Тажево кај Македонски Брод каде има неколку изгорени куќи од кои поголем дел се напуштени, но има и куќи кои се користеле како куќи за одмор.
-Се наоѓам во селото Тажево. Сликата е тажна, изгорени се главно напуштени куќи, сепак, изгорени се и куќи кои сопствениците ги користеле. Овој пожар кај Тажево кај што сега се наоѓам е од страната на Брезница кон Јасен и гори многу силно, иако дејствуваме со хеликоптери и со унгарскиот тим од 40 пожарникари и 50 војници на нашата армија, сепак, и натаму е присутен. За жал гори квалитетна борова шума и исклучително тежок пожар за гаснење кој зафаќа голема површина- рече Ангелов.
На пожарот на Илинска Планина што гори неколку дена, посочи, утрово делувавме со три ер-трактори, но операцијата ја откажавме поради тоа што при фрлањето на вода се дигаше многу чад кој ја отежнуваа работата на пилотите и имаа намалена видливост. На терен се припадници на локалната ТППЕ, 10 вработени во Национални шуми и 50 волонтери.
-Над Косел пожарот ја менува својата динамика и се уште гори. Таму делувавме со два хеликоптери, и се наоѓаат 60 лица на земја. Градоначалникот во Охрид дава се од себе да го стави под контрола – истакна Ангелов.
Како што рече, денеска е активен и пожарот кај Богданци во близина на селото Фурка.
-Таму дејствуваме со шест ер-трактори, но пожарот и натаму е активен, гори сува треба и ниска вегетација. Се закануваше и на караулата, но благодарение на интервенција на припадниците на Армијата, мислам дека нема опасност повеќе – рече Ангелов.
Нагласи дека денеска на неколку пати морале да ги повлекуваат леталата, поради силен ветер.
-Планот се менува, и тој е еластичен во зависност од сликата на терен – рече Ангелов.